(Видео) Кина дозволи да се возат автомобили без возач, еве како изгледа тоа

КИНА за прв пат дозволи автономни возила без возачи да влезат во сообраќај.


Иако голем број прототипови на возила без возач веќе успешно ги поминаа првите тестови на јавните патишта, овој пример досега е најблиску до она што не очекува во иднина. Deeproute.ai објави видео од тест рута, каде што прототипот на автономно возило успешно ги надминува сите предизвици во возењето без учество на возачот.

На пробната патека долга 22,5 километри во деловната зона на кинескиот град Шенжен, прототипот опремен со систем за автономно возење на ниво 4 успешно ги надмина сите предизвици на сообраќајниот метеж. За потсетување, Шенжен е четврти по големина кинески град со 17,5 милиони жители, а автономното возило мина низ специјално избраната зона за околу еден час без и најмала грешка.

Ова го означи првиот легален тест на возило без возач во Кина, овозможен со новото законодавство усвоено на 6 јули во Шенжен. Видеото покажува како автономниот систем се движи во предизвикувачки ситуации каде што автомобилите често менуваат ленти, возилата поминуваат низ црвените светла, а пешаците се движат блиску до коловозните ленти.

Многубројните ситуации би биле фрустрирачки дури и за просечниот возач, со којзнае какви последици и реакции, додека автономниот систем се справуваше со сите предизвици мирно простувајќи ги прекршоците и опасните маневри на другите учесници во сообраќајот, пренесува Индекс.хр.

Тест возилото е MG Marvel R, кое е опремено со пет LiDAR, осум камери и сензори, но главната разлика е во алгоритмот кој совршено го предвидел движењето на другите учесници во сообраќајот и го приспособил движењето на сопственото возило.

DeepRoute.ai ќе го понуди системот Driver 2.0 по цена од 3.000 долари за производителите кои ќе изберат да го распоредат на сериски автомобили и роботакси возила.

Системот е подготвен за широка употреба, а ќе биде пуштен во продажба до 2025 година.

Дополнителна предност на системот, покрај цената, е тоа што е веќе интегриран во надворешниот дизајн на автомобилот, па за разлика од некои роботакси, речиси е невозможно да се забележи.