Рот: Не ја искачивме планината, но заедно можеме да го направиме тоа (Видео)
Толку е убаво повторно да си овде, ја почна прес-конференција Михаел Рот, германски државен министер за Европа, кој денес престојува во Скопје.
„Сѐ уште не ја качивме планината, но само солидарно и заедно можеме да го направиме тоа. Некои од вас можеби се прашаа каде беше Европа изминатите месеци и недели. Сакам да ве убедам дека ние сме на вашата страна. Денес сакам да се обратам помалку на моите пријатели во македонската влада, туку пред сѐ на македонските граѓани кои се уморни и фрустрирани од немање чекор напред. Ние за време на германското претседателство се обидовме да постигнеме голем напредок бидејќи вие, драги Македонци, тоа го заслуживте. Вашата земја постигна голем напредок. Се охрабривте да решите голем историски спор така што го променивте името на вашата земја и затоа е легитимно да очекувате ние од ЕУ да ги исполниме нашите ветувања. Сакам да ви ветам дека не е само Германија на вашата страна, туку и партнерите во ЕУ, исто како и претходно, се за конкретна перспектива за сите земји од Западен Балкан и ќе се радувавме ако лани успееше да започнат пристапните преговори со Македонија и со Албанија. Сега работиме за време на португалското претседателство тоа да успее. Останувам оптимист дека ќе успееме во тоа.
Она што ни е потребно сега е свест за одговорност, храброст и да се држиме заедно. За мене тоа е повеќе од само ветување. Пративме сигнал за време на пандемијата дека не го оставаме сам Западниот Балкан“, рече Рот, нагласувајќи дека во Германија ја чувствуваат нетрпеливоста што со право постои во Македонија.
Тој нагласи дека има голема шанса уште во јуни да се дојде до решение кое може да биде прифатено од сите засегнати страни.
„Португалското претседателство активно работи на тоа решение, а ние во Берлин го подржуваме тоа решение и се надеваме дека ќе се пистигне“, рече Рот, додавајќи сепак дека се важни и реформите, борбата против корупцијата и непотизмот, за кои рече дека не се подарок за Брисел туку во интерес на самата земја.
„Не фрустрирајте се, туку охрабрете се овие потребни реформи да ги остварите во интерес на луѓето“, рече Рот.
Според него, ако ЕУ сега не испорача, динамиката и довербата ќе бидат изгубени и затоа неговата посетата ја оцени како знак на признание и знак на почит кон земјата. Тој рече дека е важно да се има доверба во владата „за да може овој мост што ќе го изградиме да биде стабилен и да издржи во следните години. Сега имаме прозорец на можности кој сѐ уште е отворен. Сакаме на 22 јуни на Советот на министрите да постигнеме успех“, нагласи Рот, додавајќи дека нема проблем меѓу Македонија и ЕУ туку има билатерален проблем, порачувајќи да остаеме смирени, да не дозволиме да бидеме испровоцирани бидејќи вреди да се постигне решение и има шанси за него.
„Треба да работиме на резултат, а не на подигнување на очекувањата“, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров потенцирајќи дека фокусот сега е на средбата на Радев и Пендаровски во Рим, како јасен знак дека се обновува дијалогот, порачувајќи дека треба да се искористи оваа шанса.
Рот имаше средба и со премиерот Зоран Заев на која била поздравена конструктивната улога на Македонија во регионалната политика и е изразена надеж дека преку зрели политики на меѓусебно почитување е можен напредок. Соопштено е дека Германија го поддржува напредокот на Македонија во евроинтеграциите. При тоа е пренесено дека Германија целосно го поддржува предлогот на португалското претседателство. Премиерот Заев му се заблагодари на министерот Рот за сите напори коишто ги вложи германското претседателство со ЕУ во својот мандат, но и за сегашните напори, чијашто цел е одржување на првата меѓувладина конференција во рамките на португалското претседателство. „Северна Македонија е редок европски пример како низ соживот и јакнење на демократските капацитети, а притоа решавајќи ги и отворените прашања со соседите, прави темелни реформи за доброто на граѓаните и на нашата држава, но и во поширок контекст за граѓаните на Западен Балкан. Ќе продолжиме со конструктивните политики, со почитување и унапредување на односите со нашите соседи“, рече премиерот Заев.
Денеска се огласи и амбасадата на САД во Скопје. „Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за унапредување на членството на Северна Македонија во ЕУ“, напиша на Твитер американската амбасадорка, Кејт Брнс. (Н.В.)