Вицепремиерот Иван Стоилковиќ не отиде на меѓувладината средба во Приштина
Според фотографиите и преносот од пречекот на премиерот Христијан Мицкоски во Приштина од заедничката седница на владите на Македонија Косово изгледа дека сите министри се таму. Освен еден. Вицепремиерот за односи меѓу заедниците – Иван Стоилковиќ.
Неговото отсуство не е неочекувано поради ставовите што претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија ги има спрема Косово, кои се во согласност со официјалната политика на Србија, која не ја признава независноста на поранешната српска покраина.
„Членот на Владата, господинот Иван Стоилковиќ, гореше од желба да биде денеска овде во Приштина, но бидејќи ние ја поместивме владината седница – требаше да биде во петокот, а денеска е понеделник – поради оправдани обврски не е денеска тука. Но затоа, заменик-министерот Неждет Мустафа е тука и навистина имаше една прецизна и јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската влада“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање од косовските медиуми на прес-конференцијата по седницата.
Неодамна, кога повеќечлена министерска делегација на македонската влада беше во Белград, Иван Стоилковиќ го имаше почесното место. Тој ја предводеше делегацијата, иако во нејзиниот состав беше и вицепремиерот Александар Николоски, кој формално има поважна улога во владата и на нејзините седници седи веднаш до премиерот Мицкоски.