Вицепремиерот Беким Сали во прва посета на Брисел


 

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска и утре престојува во прва официјална посета на Брисел од стапувањето на должноста.

Сали посетата на Брисел ја почна со средба со кипарската амбасадорка при Европската унија, Кристина Рафти, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

Во фокусот на разговорите биле реформската агенда, планот за раст за Западен Балкан, како и клучните приоритети во рамките на напредокот на преговорите со Европската Унија. На средбата беше нагласена важноста од континуирана соработка и поддршка од европските партнери за реализација на реформите и понатамошно унапредување на интегративниот процес.

Тој се сретна и со директорката за Западен Балкан, Валентина Суперти. 

„За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст, при што земјата покажува одржлив напредок во клучни области како владеење на правото, јавната администрација и дигитализацијата на услугите“, информира кабинетот на Сали. 

Во рамките на престојот на Брисел предвидено е Сали да се сретне и со еврокомесарката за проширување Марта Кос.