Ветерниот парк на „Алказар“ ќе се гради по Велигден, иако дел од опозицијата не го сакала, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека долгонајавуваната инвестиција во земјава, ветерниот парк на „Алказар enerxi“, конечно ќе почне со рализација по Велигден, иако дел од опозицијата не сакала проектот да успее.
Оваа инвестиција беше првата која што ја најави Мицкоски по преземањето на функцијата премиер во новата влада, а беше официјално промовирана уште на 25 јуни 2024 година. Тогаш, Даниел Калдерон, ко-основач и управувачки партнер на „Алказар Енерџи“ рече дека ветерниот парк ќе почне да се гради во втората половина на 2025 година. Тоа значи дека проектот сериозно доцни.
Инаку, според проектот „Алказар енерџи“ ќе го гради најголемиот парк на ветерници во земјава, кој ќе чини 500 милиони американски долари и ќе обезбедува струја за 100.000 домаќинства, односно речиси 20 отсто од целокупното производство на струја во земјава. Паркот ќе има 55 ветерници коишто ќе произведуваат еден терават час електрична енергија, а со инвестицијата се обезбедуваат 630 нови вработувања. Проектот ќе се гради на површина на 3 општини – Карбинци, Радовиш и Штип.
Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања рече дека како држава се подготвуваме многу сериозно и оти дел од тие подготовки се и дел од овие тековни проекти што веќе се реализираат.
„Само за напомена, иако дел од опозицијата сакаше проектот на Алказар ветерниот парк во делот на општините Штип, Радовиш и Карбинци да не успее, инвестиција вредна од половина милијарда долари, сепак, инвеститорот веќе доби градежни дозволи и очекуваме да почне со теренските работи некаде во април, после Велигден. Но, не само што ќе го работат тој, туку пројавуваат интереси за нов проект, односно проширување и надградување“, рече Мицкоски.
Тој потсети и за останатите проекти, од кои дел од нив ги споменал и во Давос, на последниот Светски економски форум каде што учествуваше на панели за енергетиката.
„Не случајно во Давос ги споменав Чебрен и Галиште и повторно ги враќаме во игра. Не случајно го спомнав Бошков Мост. Се разбира, веднаш од дел од невладините организации бев нападнат жестоко бидејќи тие поинаку го размислуваат тој проект и начинот на којшто државата треба да се развива“, рече Мицкоски.
Сите овие проекти, додаде тој, претставуваат дел од можностите коишто ние ги имаме за инвестиција, споменувајќи ги и гасните електрани што ги најавиле претходно со турскиот холдинг Акса, како и гасниот интерконектор што го градиме со Грција и гасниот интерконектор што ќе почнеме да го градиме со Србија.
„Ако денеска светот зборува само за вештачка интелигенција, таа вештачка интелигенција не може да функционира без дата центри, а дата центри не може да функционираат без електрична енергија, така што сите заедно дека треба да целиме кон тоа дел од ова инвестициско портфолио да го привлечеме овде во регионот“, рече Мицкоски.
Тој потсети дека светот е пред своевидна енергетска револуција, односно дека во наредните десетина години во енерегиката ќе се инвестираат отприлика четири илјади милијарди долари, при што ја повтори неговата идеја за регионаклен пристап во привлекувањето на дел од ови еинвестиции во енергетиката.
„Ако се обедини регионот, може да понуди проекти за да бидат реализирани, ако добро се организираме, се разбира. Тоа е некаде отприлика по четиристотини милијарди годишно. Замислете каква трансформација на општествата ќе настане ако имаме предвид дека на сите шест земји од Западен Балкан што се во групата, вкупниот номинален бруто домашен производ има околу двеста педесет милијарди долари. Значи ова е многу над тоа што претставува вкупен номинален бруто домашен производ, а зборуваме само за 0,01 процент. Замислете што значи тоа за нашите економии и за нашите граѓани. Мислам дека треба да сме умни како регион, да се поврземе и да покажеме и докажеме дека можеме да соработуваме и дека знаеме да соработуваме и да понудиме заеднички проекти“, рече Мицкоски.
Мицкоски изјави дека во тек е реализација на 17 странски инвестиции, што треба да отворат до пет илјади нови работни места.
Запрашан дали имаме стабилна електрична енергија и зошто купуваме од надвор, по објавата на ДУИ дека е набавена струја во износ од над 24 милиони евра, тој одговори дека нивната информација не е точна, поздравувајќи го, како што рече, тоа што излегле од политиките од минатиот век и почнале да се интересираат за реалните потреби на граѓаните.
„Според експертите, кризата со нафтата и неиспорачаните количини во овој момент се проценува дека е поголема од големите две светски кризи во 70-тите години од минатиот век. Тогаш отприлика дневно недостасувале помеѓу 9 и 10 милиони барели. Денеска недостасуваат меѓу 11 и 12 милиони барели. Значи, тоа е добро што излегоа од оние пранги на национализам на етнополитика, на фолклор и што конечно ги интересираат реалните проблеми на граѓаните. Но, лошото е што не ја владеат материјата и тоа што го кажуваат е спротивно на вистината, затоа што денеска ЕСМ, односно поранешно ЕЛЕМ, во текот на ноќните часови извезува, односно продава на берзите околу 850 мегават часови што дневно на компанијата и носи додадена вредност меѓу 100 и 150 илјади евра“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека постојат периоди од годината кога се увезува струја, постојат периоди кога ќе се извезува.
„Еве да речеме сега отприлика 12 часот и ако ја погледнете берзата ќе видите дека цената на струјата е нула или минус. И би било лошо како компанија ако сега не преземаат електрична енергија од берзата кога е нула или минус и да речеме произведуваме електрична енергија од акумулациите. На дневна комуникација сум со раководството на АД ЕСМ, односно поранешно АД ЕЛЕМ и оние долгови што беа својствени на владата на СДСМ и ДУИ, оние трансфери од буџетот 150, 200 милиони евра што завршуваа во фирми со сомнителни бизнис зделки во набавката на мазут, инстант компании што носеа јаглен од соседството по цена што беше 30 до 50 отсто поскапа, се во минатото. Така што да бидат спокојни, АД ЕСМ не е таа кога беше владата на СДСМ и ДУИ. Ова е компанија којашто денеска продава на берза и заработува на дневна основа помеѓу 100 и 150 илјади евра“, рече тој.
Во однос на ослободувањето мазут за ЕСМ рече дека има одлука од страна на Владата уште во декември и некаде околу 3.000 и 3.200 тони стојат на располагање.