Весовиќ: Србија и Северна Македонија имаат добра економска и трговска соработка


Србија и Северна Македонија имаат добра економска соработка и покрај минатогодишната криза и намалувањето на трговската размена, очекуваме оваа година благо да порасне, како и нивото на инвестиции, изјави директорот на Секторот за стратегиска анализа, услуги и интернационализација при Стопанската комора на Србија (ПКС) Михаило Весовиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

-Кризата не ја заобиколи економската соработка меѓу Србија и Македонија, така што минатата година во вториот квартал имавме драстичен пад на трговијата за околу 20 отсто. Сепак, првиот квартал беше значително подобар, бидејќи имавме зголемување на трговијата, а кога ќе ја сумираме минатата година, трговската соработка се намали за 4,6 отсто. Извозот падна за 4,1, а увозот за околу 3,1 отсто, кажа Весовиќ.

Тој прецизираше дека Србија има значителен надворешно-трговски суфицит со Северна Македонија и дека сегашната размена на стоки е околу 860 милиони евра со што размената на услуги останува на нивото од 2019 година.

-Ние сме исклучително важен надворешно-трговски партнер за Северна Македонија, ние сме на нивно второ место, тие се важни за нас, бидејќи Македонија е меѓу првите десет извозни пазари во Србија, прецизираше Весовиќ. Тој оцени дека во моментов економската соработка меѓу двете земји е стабилна и дека доколку нема сериозни нарушувања во текот на оваа година, може да се очекува постепен раст на размената.

-Најголем пад на извозот за време на Ковид кризата во 2020 година претрпе металната индустрија, хемиската и прехранбената индустрија, бидејќи тие се и најзначајни во трговската размена, оцени Весовиќ.

Тој нагласи дека над 4.000 компании од двете страни на границата учествуваат во трговијата и дека македонските граѓани се мнозински сопственици во повеќе од 500 компании во Србија.

Официјалниот претставник на ПКС оцени дека нивото на меѓусебни инвестиции полека расте секоја година.

-Овие два пазари се познаваат многу добро. Бизнисмените многу често работат заедно и традиционално отвораат некои нови области. Очекувам дека ќе имаме повисоко ниво на српски инвестиции во Македонија во областите на прехранбената и кондиторската индустрија, па сè до софистицираните области како што се ИТ и телекомуникациите, бидејќи и Македонија е земја со многу голем број стартапи и нови технолошки компании. Привлече и голем број инвестиции од ЕУ во автомобилската индустрија, што е важно, затоа што постои синџири на снабдување меѓу нашите две земји со цел за извоз на готови производи, најчесто во ЕУ, кажа Весовиќ.

Според него, постигнати се конкретни резултати во реализацијата на иницијативата за Мал Шенген.

-Еден од добрите резултати насочени кон слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги е заедничкиот премин Табановце – Прешево, кој е подобрен до тој степен што можеме да кажеме дека практично нема забавување на протокот на стоки. Иако не е сè совршено затоа што има повремени проблеми во некои области, пред се во извозот на прехранбени производи, но тоа е нешто што ваквите иницијативи имаат за цел брзо да го решат, изјави Весовиќ.

Тој потенцираше дека Стопанската комора на Македонија и ПКС го основаа Коморскиот инвестициски форум, што всушност е комора на Западен Балкан, кој се состои од деловен совет составен од најголемите увозници и извозници, големи шпедитерски компании, претставници на фармацевтската и машинската индустрија.

Според Весовиќ, нивната улога е да сигнализираат кога ќе се појават проблеми во регионот, со цел брзо да реагираат и да им објаснат на владите на тие земји од гледна точка на економијата што значи промена на одредени административни процедури, признавање на сертификати и усогласување на практиката во регионот со европската практика, кон кои тежнеат сите земји од Западен Балкан.