Весли Кларк дојде во Скопје


Премиерот Зоран Заев денеска го прими поранешниот командант на здружените сили на НАТО за Европа, генерал Весли Кларк.

На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот за борба против корупција, Љупчо Николовски, стана збор за новата реалност за Северна Македонија и за регионот откако земјата и неколку други земји од Западен Балкан се членки на НАТО.

Премиерот Заев го истакна членството во НАТО како остварување на стратешката цел на земјата која го дефинираше геостратешкото место на Северна Македонија во регионот и на меѓународен план, како и придобивките од безбедносната сигурност кои создадоа услови и поттикнаа голем број странски инвестиции и економски напредок.

Весли Кларк истакна дека сега, откако заврши неговата војничка кариера, тој е целосно посветен како бизнисмен да го поддржува развојот на земјите од регионот и од југоисточна Европа во делот на нивното економско поврзување со инвеститори од САД и Европа, и особено во поддршката на владите во борба против корупцијата и сивата економија. Кларк на средбата истакна дека во наредниот период ќе го поттикнува интересот на компаниите од САД да инвестираат во нашата земја.

Весли кларк беше примен и од првиот вицепремиер Артан Груби. Груби и Кларк разговараа и за политичката и безбедносната состојба во земјата и регионот, како и напредокот и достигнувањата што земјата ги има направено низ годините, станувајќи пример за земјите од регионот во однос на мирот, стабилноста и напредокот.

Кларк изјави дека нема да недостасува поддршката за целите на Владата за економски развој и социјален просперитет, додавајќи дека Република Северна Македонија е една од пријателските земји на Соединетите Американски Држави во Европа и симбол на одлучност во демократскиот свет, информира кабинетот на Груби.