„Веселата“ математика за судството не ја мрда Македонија од европското дно

Обидот да се смени темата и место за судски буџет да се зборува за платите на судиите и обвинителите е одраз на отпорот да се ослободи судството од стегите на власта


Фото: Б. Грданоски

 

Политиката не го дава правосудството. Вака накратко може да се прочита отпорот на владата да обезбеди соодветен буџет  за судството и за обвинителството кој би им гарантирал независност, а не да бидат предмет на постојани уцени и закани, поради кои не ќе можат да судат. Хронологијата покажува дека иако судството законски треба да добива 0,8 отсто од БДП на државата,  тоа никогаш не се случило досега, а и тие околу 0,3 отсто што ги добива, им се зголемуваат или намалуваат и немаат контрола на нивното трошење.

Обидот да се смени темата и место за судски буџет да се зборува за платите на судиите и обвинителите е само одраз на тој отпор да се ослободи судството од стегите на власта, и на оваа, и на сите пред неа. 

Дека е така покажа сам премиерот Христијан Мицкоски читајќи ги селективно и според својата потреба податоците на Советот на Европа за судските буџети во земјите во Европа во 2022 година, кој беше објавен во 2024 година. Според тие податоци Мицкоски порача дека во Македонија се одвојува повеќе за судството од 75 отсто од земјите членки на ЕУ, што не е лага, но не е ни вистина.

Подлабока анализа на овие податоци во извештајот на Советот на Европа покажува дека повикувањето на процентот од БДП како единствен показател за издвојувањата за судството не ја илустрира вистински состојбата, бидејќи тоа што е 0,3 отсто во побогатите земји на Европа не е исто со 0,3 отсто во Македонија, или поедноставно кажано, колку земјата е посиромашна, толку повеќе процентот од БДП мора да се зголемува. Иако има специфичности во судските системи во Европа, од податоците на Советот за Европа јасно се гледа дека Македонија во однос на состојбата во судството е на сите дна во Европа.

За подобро да се сфати тоа, една можна споредба е таа со развиените земји на Европа. Па, така, додека Македонија во 2022 година издвоила 0,39 отсто од БДП за судската власта , Германија издвоила само 0,31, Франција издвоила 0,20, Белгија – 0,22, Холандија – 0,26, додека Луксембург издвоил само 0,16, а Норвешка уште помалку – 0,09 од БДП на земјата, што е  далеку под просекот на Советот на Европа од 0,29. Истовремено, наспроти Македонија каде што издвојувањата за судството реално изнесувале 24 евра по жител, Германците дале 131 евро,  Французите 76,  Белгијците 102, Холанѓаните 138,  Луксембург 193 (!), а Норвешка 83 евра по жител. Па, спротивно од она што го зборува премиерот, во Македонија платите во судството биле 19.170 евра на годишно ниво, додека во Германија судиите земале плати до 126.000 евра, во Франција до 122.000 евра, во Белгија до 153.000, во Холандија до 160.000 евра, во Норвешка до 189.000 и во Луксембург до 169.000 евра.

Издвојувања по глава на жител

Дека процентот од БДП не е најдобро мерило за висината на буџетот туку висината на самиот буџет најдобро се гледа од примерот на Ирска, која има најмало процентуално издвојување во Европа од само 0,07 отсто од БДП на земјата, а им обезбедува плати на судиите до 257.ооо евра! Или примерот на Монако, кое издвојува процентуално помалку од нас, само 0,24 отсто, а му плаќа на судството по 217 евра по жител! Или спротивно, примерот на Црна Гора, која издвојува дури 0,76 отсто од БДП за судската власт (што е највисока стапка во Европа), а обезбедува само  60 евра по жител и им обезбедува плати на судиите до 19.500 евра. 

Ако се направи, пак, споредба со регионот, Словенија издвојува речиси ист процент од БДП за судството како Македонија (0,38 отсто), но тоа изнесува 107 евра по жител, кои обезбедуваат  тројно поголеми плати за судиите од тие што ги добиваат во Македонија, иако станува збор за ист формат на држава. Во Србија годишниот буџет за судството во 2022 година бил само три милиони евра поголем од тој на Македонија, а издвојувала 0,54 отсто од БДП, додека БиХ  за да собере 43,6 милиони евра буџет за судската власт издвојувала 0,64 отсто од БДП на земјата. Наједноставно кажано, со ист процент на издвојување како Македонија Хрватска обезбедила судски буџет од 65 евра по жител, а Македонија само 24, додека Украина обезбедила само 22 евра – иако издвојувала 0,68 отсто од БДП.

Вакви примери има и натаму, но она што е видливо е дека земјите што важат за силни демократии и успешни општества имаат големи буџети за судската власт и постојано ги зголемуваат, а тие што им пречи судството – или се држат до просекот на Советот на Европа или го намалуваат, за што најилустративен пример е Турција која обезбедува само 16 евра по жител и издвојува само 0,15 отсто од БДП за судскиот буџет. Наспроти тоа, Швајцарија издвојува најмногу во Европа по глава на жител (245 евра) и ги плаќа судиите до 358.000 евра, при што за разлика од кај нас има голема разлика меѓу платите на почетокот и на крајот на кариерата на судиите. Ако е за утеха, полоша од нас во овој аспект е Албанија, во која во 2022 година  обезбедувала само 15,8 евра по жител за судскиот буџет што е 0,29 отсто од БДП. Табелите  најдобро покажуваат каде е Македонија во однос на судството и, што е полошо, каде сака да оди одбивајќи упорно да му обезбеди финансиска и друга независност.

Неодамна, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, предупреди дека со постојаното кратење на буџетот за судската власт е загрозена и функционалноста на судството, бидејќи нема нови вработувања, а место тоа од судовите биле отпуштени 170-180 лица кои биле ангажирани со договор на дело, така што новоизбраните судии останале без административна поддршка.

Јавниот обвинуител Љупчо Коцевски, исто така, порача дека не бараат средства за зголемување на плати туку се жалат што им се намалуваат средствата за работа, вклучувајќи ги и тие за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејствија и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Тој рече дека ќе нема доволно пари ни за поскапи истраги за да може да има конфискација на криминално стекнатиот имот на престапниците.

Според него, за ниту еден од реформските чекори во буџетот за следната година нема доволно средства, ниту пак има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат. Кадровските ресурси, според негова оценка, се посебен очај и буквално може да се случат кавги за дактилографка, за стручен соработник, за ИТ-експерт, а Академијата за судии и обвинители е блокирана и нема нови кадри на повидок во наредните минимум 4 години.

Испаѓа дека притисоците врз правосудството не се само вербални туку и технички,  така што за да фунционира судиите и обвинителите ќе треба да „играат“ како што „свири“ власта. И колку повеќе осиромашува државата толку повеќе ќе се намалува буџетот за судската власт, а тоа ќе биде поттик за корупцијата и  криминалот. (С.Ј.)