Венко Филипче ќе остави членовите сами да ги бираат локалните лидери на СДСМ
Битолските социјалдемократи се задоволни што сами ќе можат да го бираат нивниот прв човек. „Изборот ќе биде наш, а и одговорноста поголема“, велат членовите на партијата од Битола
БИТОЛА – Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ќе остави општинските организации сами да си изберат локален партиски лидер. Ваквиот потег на Филипче е оценет како позитивен и демократски од страна на повеќето сопартијци во Битола.
Пред Нова година ќе треба да се гласа за нови раководства на локалните партиски организации на СДСМ, вклучително и Битола. Најверојатно на Конгресот на СДСМ кој се очекува да се одржи на почетокот на ноември, покрај изборот на централното раководство и органите на партијата се очекува да се распишат избори и во општинските организации.
Филипче веќе е чест гостин во Битола. Вчера прошета по Широк Сокак и присуствуваше на трибината „Од жени за жени, рана превенција спасува живот“, во организација на Форумот на жени на СДСМ Битола.
Завчера на конференција битолските социјалдемократи избраа делегати на Конгресот и кандидати за членови за централниот и надзорниот одбор на СДСМ.
„СДСМ Битола е предводник во промените и продолжува на патот за подобар живот на граѓаните на општина Битола“, објавија од партијата.
ОО на СДСМ Битола избра 10 делегати за Конгресот на СДСМ што треба да се одржи наскоро, а веќе се предложени и дваесетина лица како предлози за членови на Централниот одбор. Од нив најверојатно во ЦО ќе влезат најмногу до петмина од Битола ( во актуелниот состав се четворица – Васко Ковачевски, Емилија Костурска, Рула Чаламани и Васко Колевски). Многумина имале желба да бидат во највисокото партиско тело на партијата, на позиција за која сметаат дека ќе им донесе партиска моќ и влијание и во одлучувањето и поддршката за новото локалното раководство и за следните локални избори.
Заедно со тоа почнуваат и лобирањата на партиските претенденти за прв човек на општинската организација во Битола. Во партиските кулуоари се споменуваат и имиња, најчесто од поранешните директори на СДСМ, високи партиски функционери, сегашни и бивши советници.
Меѓу нив е и Драган Крајовски, актуелен претседател на ОО на СДСМ Битола, иако тој и секретарот Гордана Анастасова на последните парламентарни избори годинава, како раководство го постигна најслабиот резултат од постоењето на СДСМ во Битола во бројот на освоени гласови. За локални лидери се споменуваат и советникот Методија Илиевски, Зоран Стојчевски поранешен советник, актуелниот советник во Советот на Општина Битола Борче Корлевски, Горан Козаров досегашен директор на Топлификација – Битола, Јадранка Павловска советничка, координаторка на Форумот на жени на СДСМ Битола…
Од предлозите за во ЦО, пак, се повторуваат имињата од претендентите за прв човек на ОО на СДСМ Битола како и дел од младите членови, како Андреј Стојановски, Васко Колевски…
За новиот ЦО се предложени и жени, како бившата директорка на Болницата во Битола интернистот Елизабета Ивановска, потоа советничките во општинскиот Совет – Јадранка Павловска и Елена Кромидаровска, екс-советничката Емилија Костурска и портпаролот Весна Баковска.
„Идејата на претседателот Венко Филипче е кога ќе се избере новиот Централен одбор да се распишат внатрепартиски избори за раководства на партијата по општинските организации. Со ова секој член на СДСМ запишан во електронскиот систем ќе има право да гласа за предложените кандидати од локалната партиска организација и со тоа членството да го избере идниот претседател на ОО на СДСМ Битола. Ова е спротивно на досегашната практика кога претседателот на СДСМ (кој и да бил во минатото) од Скопје кажуваше кој ќе биде претседател на локалните организации без да го чуе членството. Вака е подобро како што планира Венко Филипче. Изборот ќе биде наш, демократски, па ако изгласаме претседател по наш избор и одговорноста на сите нас ќе биде поголема, голема шанса за обединување на повеќе партиски фракции“, вели висок партиски функционер од ОО на СДСМ Битола.
Наши партиски извори наведуваат дека оној што ќе застане на чело на општинската организација ќе ја има шансата да биде и иден кандидат за градоначалник на локалните избори во 2025 година. Ако не самиот тој како локален лидер, тогаш сигурно човек од неговото најблиско опкружување.