Велосипеди, ролерки, тротинети… над 8 илјади учесници на „Вози право, вози здраво“ (фото)


Во Скопје денеска по осми пат се одржа најмасовниот ревијален настан на тркала „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка АД – Скопје.

Центарот на Скопје беше преплавен со најразлични видови превозни средства кои не ја загадуваат животната средина и нудат алтернативни опции за превоз низ градските улици, со што се поттикнуваат здрави животни навики и начин на живот. Стартот на трката беше од Порта Македонија, а возењето заврши во Градскиот парк каде што се одржа голема забава на отворено.

Осмото издание на „Вози право, вози здраво“ се одржува во јубилејната година на Стопанска банка, кога се одбележуваат 80 години од нејзиното основање.

Големиот јубилеј беше отсликан и во наградите за лотаријата каде што беа доделени по осум награди од 10 категории: Specialized велосипеди за деца и за возрасни, Specialized заштитни кациги, тротинети, Garmin паметни часовници, ролерки, спортски ранци, хамоци, JBL слушалки и Stanley термоси. Покрај лотаријата, за учесниците имаа организирана забава со уникатните 5+ фамилија, DJ, забавни и спортски активности, освежување и подароци – пластични шишиња, торби за велосипеди и маички.

И минатогодишното издание на „Вози право, вози здраво“ обедини околу 8.000 учесници од сите возрасни категории, при што сите од нив беа победници.

Настанот е наменет за забава, дружење и промоција на здравите животни навики и затоа на трката не се мери времето и не се прогласуваат поединечни победници.

Најважно е сите учесници да ја пренесат пораката за користење алтернативни начини на превоз со што ќе се намали сообраќајниот метеж низ градските улици и загадувањето на воздухот, а Банката како и претходните години продолжува да донира урбана опрема во поддршка на велосипедизмот за Градот Скопје.