Велика Британија од 15 јуни ги отвора верските објекти и продавниците во моловите


Верските објекти во Велика Британија ќе ги отворат своите врати за верниците на 15 јуни, како дел од олеснетите  рестриктивни мерки што беа воведени за борба против коронавирусот, но со некои ограничувања на досега познатата пракса.

За истиот датум е најавено и отворањето на некои продавници, како што се тие во трговските центри.

Во верските објекти ќе бидат дозволени индивидуални молитви, со почитување на  мерките за социјална дистанца, додека свадбите и другите верски служби и натаму ќе бидат забранети.

Според планот на владата за олеснување на рестриктивните мерки, верските објекти нема да продолжат со нормалното работење пред 4 јули, а можеби и подоцна, пренесува „Евроњуз“.