Велика Британија не може на избори пред 31 октомври


Претседавачот на Долниот дом на британскиот Парламент Џон Беркоу изјави дека според сегашните правила, националните избори не може да се одржат пред земјата да ја напушти Европската унија кон крајот на октомври.

Изјавата претставуваше одговор на прашањето на пратеникот од редовите на Лабуристите Ричард Бергон, дали е точно дека избори се можни најрано на 5 ноември, поради правилото „за времето потребно за организирање национални избори“.

– Можам да потврдам дека моето разбирање за можниот изборен термин според сегашната законска рамка е исто како и неговото, рече Беркоу.

Премиерот Борис Џонсон двапати побара од парламентот да одобри предвремени избори, но опозициските партии велат дека не сакаат да се согласат сè додека не се отстрани ризикот да ја напуштат ЕУ без договор на 31 октомври.