Велика Британија ќе ги ограничи домашните цени на енергијата и ќе дозволи повторно дупчење нафта


Британската премиерка Лиз Трус денеска изјави дека нејзината влада ќе ги ограничи цените на енергијата за домовите и деловните субјекти на две години за да го ублажи растот на трошоците за живот, со приближувато на зимата.

Таа, исто така, рече дека ќе дозволи повеќе дупчење нафта во Северното Море и ќе ги укине постоечките забрани за дупчење во обид да го зголеми домашното производство на енергија во Велика Британија.

Трас посочи дека оваа година, просечните сметки за домаќинствата нема да надминат 2.500 фунти (2.872 долари) годишно за греење и електрична енергија.

Сметките требаше да се зголемат до 3.500 фунти (4.000 долари) годишно од октомври, тројно повеќе од она што беа пред една година. Сметките вртоглаво растат поради руската инвазија на Украина и економските последици од коронавирусот и Брегзит.

– Ја поддржуваме оваа земја во текот на оваа зима и следната зима и се справуваме со основните причини за високите цени за никогаш повеќе да не бидеме во иста позиција, рече Трас.

Поддршка ќе добијат и деловните и јавните институции како болниците и училиштата, но за шест месеци, а не за две години.

Владата вели дека ограничувањето ќе ја намали зголемената стапка на инфлација во Велика Британија за 4 до 5 процентни поени. Инфлацијата во јули достигна 10,1 отсто, а пред крајот на годината се предвидува дека ќе се искачи на 13 отсто.

Владата не соопштува колку ќе чини државната ценовна гаранција. Трас, пак, ги отфрли повиците на опозицијата за воведување дополнителен данок за нафтените компании, а ограничувањето на цените на енергенсите ќе се плаќа од трезорските фондови и од задолжувањето. ссм/