Велешки „Благој Ѓорев“ ќе ја продава Стоковната куќа „26 Јули“ во Скопје


(Фото: принтскрин Гугл мап)

Објектот на Стоковната куќа „26 Јули“ во Скопје, во близина на Бит пазар, ќе оди на продажба. Ова е предлог одлука на прехранбената индустрија „Кристал 1923“ АД Велес за Собранието на акционери што е закажано за 14 мај годинава. Во неа покрај овој некогаш многу популарен објект во Скопје (кој сега се користи за изнајмување тезги на приватни субјекти), за продажба се предлагаат да се понудат и други градежни-деловни нефункционални објекти кои се во сопственост на Прехранбената индустрија „Благој Ѓорев“ АД Велес (најпозната по брендот „кристал“ за маслото за јадење и маргаринот).
Како што се вели во една од предлог одлуките на компанијата за претстојното Собрание на акционери, на продажба ќе одат магацини во село Логоварди-Битола во вкупна површина од 17.511 метри квадратни, од кои градежни објекти во површина од 5.647 квадрати и двор во површина од 11.864 метри квадратни; потоа продавница во Битола со површина од 167 метри квадратни; Стоковнаа куќа „26-ти Јули“ во Скопје со површина од 1.370 метри квадратни; продавница во Куманово со површина од 45 метри квадратни; и магацин во Кичево со право на конечна распределба од стечајната маса од 20,27 отсто.

Продажбата на објектите, како што се наведува во предлог-одлуката ќе се врши по пат на јавна продажба или со непосредна спогодба според пазарни цени кои се најповолни на продажбата за друштвото.