Велешанец осуден на затвор – на малолетното дете му дал електричен тротинет
Родител од Велес е осуден на условна казна затвор од три месеци затоа што му дал електричен тротинет на својот малолетен син, кој заедно со другар се повредил додека се возеле. Казната е алтернативна – затворот нема да се издржи доколку во наредната година не стори ново кривично дело.
– Судот во Велес го прогласи родителот за виновен за кривичното дело „Предизвикување на општа опасност“. Според обвинението, настанот се случил на 1 мај годинава, кога електричниот тротинет бил оставен во дворот на семејната куќа, достапен за управување. Свесен дека детето може да го користи, обвинетиот сепак не го спречил. Детето подоцна го земало тротинетот, качило уште едно дете на него и возејќи по стрмните улици во Велес, двајцата полесно се повредиле, пренесува ТВ Стар.
Пресудата доаѓа во време кога јавноста се предупредува на ризиците од неодговорното однесување на родителите, кои понекогаш овозможуваат користење на возила, огнени средства или воздушни пушки, што може да доведе до сериозни инциденти.