Веќе има мртви и ранети од војната во Украина

Има бројни спротивставени тврдења за повредни, загинати луѓе и за соборувања на авиони неколку часа по воената агресија на Русија врз Украина. Украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека седум војници загинале во првичните воздушни напади и дека уште 15 биле повредени. Се наведува дека 19 војници се водат за исчезнати и дека е уништен мостот на реката Инхулетс.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека ја погодило воената инфраструктура во воздушните бази на Украина и ја „потиснало“ нејзината воздушна одбрана, но дека не ги погодила населените места.
„Потиснати се средствата за противвоздушна одбрана на украинските вооружени сили. Воената инфраструктура на воздушните бази на украинските вооружени сили е исфрлена од акција“, соопшти Министерството.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски — кој телефонски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон — рече дека прогласува воена состојба, но ги повика граѓаните да останат смирени.
Во националниот телевизиски говор рано на 24 февруари, Путин се обиде да ја оправда офанзивната операција тврдејќи дека мора да спречи Украина да се здобие со нуклеарно оружје, иако Украина никогаш не го побарала.