Вечерта спроти Задушница Мицкоски отиде во Кочани да разговара со бизнисмени
Вечерта пред изборниот молк и токму спроти Задушница премиерот Христијан Мицкоски заедно со уште двајца министри отиде во Кочани за да му даде поддршка на нивниот кандидат Влатко Грозданов.
Тој, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и вицепремиерот Љупчо Димовски, се сретнале со претставници од бизнис секторот во градот. Веста заедно со видео инсерти ја објавува Радио Кочани.
Мицкоски во Кочани го пречека транспарент – „Коктел уочи Задушница. Фала премиере“.

Пред седум месеци во трагедијата во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 лица. Родителите од Кочани токму поради Задушница го откажаа саботниот протестен марш. Неофицијално дел од граѓаните се обиделе да му посочат на премиерот дека поради Задушница ваквиот настан е неприкладен, но поради огромното полициско присуство биле спречени да се доближат до локалот во кој се одржува коктел забавата.
„Ќе продолжи изградбата на ХС ‘Речани’ (брана на Оризарска река), средства се обезбедени. Но најпрвин треба да се расчистат одредени ‘дејаниа’ претходно направени. Тоа ќе биде сторено за неколку месеци“, им рече Мицкоски на стопанствениците вечерва во Кочани, во ресторанот „Аледар“.