Кометата последен пат видена од неандерталците се забележа и на небото над Скопје

Кометата Цучиншан-Атлас последен пат помина покрај Земјата пред 80.000 години. Нејзиното повторно доаѓање во овој дел од орбитата ќе биде за исто толку години


Фото: Б.Грданоски

 

На небото над Скопје граѓаните можеа да бидат сведоци на една појава што ретко се гледа.

Имено, вчеравечер на ноќното небо и во Скопје можеше да се забележи комета со официјално име Ц/2023 A3 Цучиншан-Атлас, а она што е интересно за неа е што неодамна беше откриена.

Нашиот фотограф Борис Грданоски го забележа нејзиното појавува од скопското Кале. Повеќе скопјани ентузијасти синоќа се качија на оваа скопска височинка за да можат подобро да ја видат кометата со скратено име А3, за да го избегнат светлосното загадување во градот.

Фото: Б.Грданоски

На 27 септември, кометата успешно стигна до перихелот, или најблиската точка до Сонцето на својата орбитална патека околу матичната ѕвезда и беше видлива за оние на јужната хемисфера.

Потоа, кометата стана повидлива за оние на северната хемисфера и тука ќе остане до почетокот на ноември.

„Иако научниците претпоставуваа дека кометата ќе се распадне при нејзиното најблиско поминување покрај Сонцето на 27 септември, таа го преживеа овој премин горе-долу недопрена и продолжи по својот пат“, соопшти НАСА. Кометата е составена од мраз, замрзнати гасови и карпи.

Фото: Б.Грданоски

Како што соопшти НАСА, овој период значи и дека нејзиното прелетување на Земјата било документирано за прв пат.

„Со својата орбита од 80.000 години, кометата последен пат е видена од Земјата во времето на неандерталците“, објасни НАСА.

Кометата за прв пат беше откриена на 9 јануари 2023 година од астрономите од опсерваторијата Цучиншан во кинескиот град Нанџинг. Во меѓувреме, неговото движење беше потврдено од системот АТЛАС на Хаваите, по што научниците почнаа да посветуваат поголемо внимание.

Фото: Б.Грданоски

Кога станува збор за нејзината иднина, НАСА смета дека најверојатно нема да се доближи до планетарните џинови на Сончевиот систем и дека на крајот може да биде исфрлена од системот поради гравитацискитее влијанија и слабата врска со Сонцето.

„Одамна научив да не се коцкам со комети. Ќе треба да почекаме и да видиме“, изјави астрономот на НАСА, Бил Кук.