Вечер на музика и уметност во КИЦ Истанбул

Македонскиот Kултурно-информативен центар во Истанбул денеска ќе биде домаќин на двоен културен настан, кој ќе ја обедини музиката и ликовната уметност. Програмата ќе почне во 19:00 часот со концерт на Александра Кировска (гитара) и Мила Николовска Ѓумар (сопран). Публиката ќе има можност да ужива во спојот од класични дела и современи композиции – од O. Kopenkov, M. Diego Pujol и E. Diaz, преку вечните романтични арии на G. Giordani и F. Schubert, до современите македонски дела на Давор Јордановски.
Како што информира КИЦ Истанбул, во 20:00 часот, веднаш по концертот, ќе биде отворена изложбата „Рециклирани пејзажни симболи“ на младиот македонски уметник Давид Атанасоски. Проектот претставува резултат на неговите инвентивни скулпторски и сликарски истражувања, во кои обичниот картон, како основен материјал, се преобразува во минималистички и апстрактни геометриски форми. Со своето творештво Атанасоски отвора прашања за односот меѓу уметноста и општествените процеси, интегрирајќи ги и темите за одговорното управување со ресурсите и еколошките тенденции.
Настанот е дел од активностите и годишната програма на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, чија цел е промовирање на македонската култура и современо творештво пред пошироката турска публика.