„Важна е културата“ – Халкбанка АД Скопје главен годишен партнер на МНТ

Главниот извршен директор на Халкбанка АД Скопје, Фатих Шахбаз, изјави дека со договорот се формализира партнерство кое има „длабока вредносна и општествена димензија“


Халкбанка АД Скопје ќе биде главен годишен партнер на Македонскиот народен театар. Договорот за годишно покровителство, со мото „Важна е културата”, денеска во МНТ го потпишаа Фатих Шахбаз, главен извршен диектор на Халкбанка АД Скопје, и Никола Кимовски, генерален директор на Македонскиот народен театар.

Покрај директна финансиска поддршка за активностите на МНТ, соработката предвидува и реализација на низа заеднички иницијативи, преку кои ќе се овозможи дополнителна промоција и поголема видливост на претставите и програмата на театарот. 

Како што истакнаа двајцата директори на потпишувањето на договорот, со ова партнерство двете институции имаат цел да придонесат во збогатување на културната понуда и доближување на театарската уметност до пошироката публика.

Директорот на МНТ ѝ  се заблагодари на Халкбанка за партнерството и довербата и посочи дека како општествено одговорна компанија ќе биде вистински партнер во уметноста.

-Со заеднички сили ќе продолжиме да ја негуваме театарската уметност и со оваа поддршка продолжуваме да креираме добра, чесна и инспиративна уметност. Кога бизнис-секторот одлучува да стане мецена на театарот, тој не само што инвестира во проекти, туку вложува во облагородување на духовното во нашето општество, поттикнувајќи ја креативноста, вредностите и уметничката чувственост кај сите нас. Поддршката од бизнис-секторот, како што е оваа, е клучна за развојот на културата. Таа не само што придонесува за стабилност и реализација на уметничките проекти туку ја поттикнува свеста и кај другите компании и поединци да ја препознаат важноста од вложувањето во уметноста и да започнат да донираат и поддржуваат културни иницијативи, истакна Кимовски.

Главниот извршен директор на Халкбанка АД Скопје, Фатих Шахбаз, изјави дека со договорот се формализира партнерство кое има „длабока вредносна и општествена димензија“. Порача дека кога бизнисот и културата се здружуваат заради вистински вредности, резултатите не се само видливи туку и трајни, а инвестицијата, рече тој, се враќа преку подобро општество, побагата културна сцена и посилна заедница. 

-За нас во Халкбанка ова партнерство не е само формален чин, туку силна порака за нашата посветеност кон заедницата и нејзините културни вредности. Веруваме дека културата е срцето на секое општество, таа нè обединува, инспирира и создава трајни вредности. А токму институции како Македонскиот народен театар се чуварите на тие вредности, места каде што традицијата се среќава со современото, а уметноста добива свој глас и значење. Поддржуваме проекти во разни области, но културата има посебно место во нашата мисија. Сметаме дека вложувањето во уметноста значи вложување во иднината, во креативноста и во идентитетот на една нација. Убеден сум дека оваа соработка ќе донесе нова енергија, нови идеи и уште поголеми успеси, истакна главниот извршен директор на Халкбанка АД Скопје.