Ваучерите за студентите за компјутери ќе ја чинат државата над 50 милиони евра, вели Андоновски


Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вечерва изјави дека над 50 милиони евра ќе бидат распределени за студенти за ваучери за купување електронски уреди, посочувајќи дека тоа е дигитализација во пракса. 

На критиките од опозициската СДСМ дека во една година ова е прва мерка што ја донеле за младите, тој одговори дека СДСМ задоцниле седум години и оти немале ниту една мерка од ваков вид за младите луѓе.

-Премиерот ја најави мерката пред околу десет месеци и прво ја презедовме во буџетот за оваа година, бидејќи беше многу доцна да се предвиди минатата година во буџетот, а оваа година почнавме со нејзина реализација. Ова е дигитализација во пракса, затоа што не може само да дигитализираме услуги, треба им овозможиме алатки на младите. Во исто време Владата вработува специјализанти и лекари во институциите, вработува полицајци, ангажира млади луѓе во одбраната. Ние во нашето Министерство имаме нова тура на млади луѓе коишто ни се приклучуваат на тој начин отвораме институции што се клучни за граѓаните кон младите кон новата генерација рече Андоновски во гостувањето на Канал 5 телевизија.

Андоновски ги повикува младите да се пријават на порталот uslugi.gov.mk. за полесно да аплицираат за ваучерот.

-Се уште не е започнато аплицирањето за ваучерите, но младите да си направат свој профил на овој портал за да можат лесно од дома да се пријават и да ги добијат ваучерите без да чекаат во редови, посочи министерот.

Пратениците во петокот на 24 јули го донесоа Законот за издавање вредносни ваучери, со кој секој студент на државните и праватните факултети ќе добие по 250 евра за електронски уред. Согласно законот, секој студент запишан на додипломски студии до 29 години од септември ќе добие вредносен ваучер од 250 евра за да набави електронско помагало во форма на лап топ, таблет или персонален компјутер.