Ваучери за туризам ќе добијат 117.122 граѓани, платформата „дома си е дома“ активна од денес
Вкупно 117.122 граѓани од денес ќе добијат ваучери за туризам на нивните електронски адреси со што почна да се реализира мерката за развој на домашниот туризам, рече денес на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши. За оваа мерка се предвидени над 10 милиони евра.
„Ваучери за туризам во износ по 6.000 денари ќе добијат граѓаните со ниски примања, односно оние кои имаат нето месечни приходи од најмногу 15 илјади денари, или кои во периодот од јануари до април имале вкупни приходи до најмногу 60 илјади денари. Овие граѓани покрај ваучерите за туриззам ќе добијат и домашна платежна картичка во износ од 3.000 денари за купување домашни производи“, рече Бектеши.
Министерството за економија веќе ги достави ваучерите до граѓаните кои ги имаат доставено своите имеил адреси до Управата за јавни приходи. Оние кои го немаат сторено тоа, ќе можат да проверат преку платформата „дома си е дома“ (domasiedoma.gov.mk) ,дали се добитници на ваучери, каде што ќе го впишат матичниот број и таму можат да ја впишат и електронската адреса на која ќе го добијат ваучерот.
Овие ваучери ќе може да се искористат од 15 јули до 15 декември годинава во определени објекти кои ќе се регистрираат за оваа намена на истата платформа. Тоа ќе може да го сторат од 15 јуни до 30 јуни така што списокот со капацитети на едноставен и лесен начин ќе им бидат достапни на заинтересираните.
За полесна и побрза категоризација намален е и бројот на членовите на комисијата за категоризација од 13 на 5 членови вклучувајќи и еден дополнителен член од приватниот сектор, што беше барање и на стопанските комори.
„Ваучерот ќе треба да се испечати и ќе може да се искористи еднократно. Откако ќе се искористат Министерството ќе врши исплата за услугите според месечниот извештај на угостителите, односно хотелиерите“, рече Бектеши.
На овој начин не само што ќе го помогнеме туризмот во нашата земја, туку и угостителите и целокупната економија, додаде Бектеши. (М.Ј.)