Вашингтон гласаше за реформи во полицијата


Градскиот совет во Вашингтон едногласно ги одобри полициските реформи што ги бараа демонстрантите по убиството на Џорџ Флојд и усвоените измени ќе важат 90 дена. Ќе се бара второ гласање за натамошно продолжување.

Според „Вашингтон пост“, новите измени вклучуваат, меѓу другото, забрана за полицијата за употреба на задушувачки зафати за време на приведување како и употреба на гумени куршуми и хемикалии при растерување демонстранти.

Според весникот, измените ги обврзуваат, меѓу другото, градските власти во рок од 72 часа да ги објават имињата на полицајците кои извршиле дисциплински прекршувања, како и на видео-снимките од камерите поставени на нивните униформи.

Нацрт-законот предлага да се исклучи мешањето на полицискиот синдикат при разгледувањето на дисциплински случаи и да се направат измени во работата на групите кои ги следат незаконските постапки на службениците за спроведување на законот. Покрај тоа, новите регулативи предвидуваат враќање на правото на глас за некои затвореници во затвор во Вашингтон.

Според весникот и покрај усвојувањето на тие измени, законодавците признаваат дека реформата не зела предвид некои од барањата на демонстрантите. Во исто време, општинскиот совет дозволува можност за пренасочување на дел од средствата од буџетот на главниот град за финансирање на потребите на полицијата кон јавни програми.

Пратениците во државата Њујорк, пак, усвоија предлог за укинување на повеќедеценискиот закон што ги штити полициските дисциплински записи од јавноста.

Гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо, најави дека наскоро ќе го потпише предлогот со што тој ќе стане закон.

Законот е дел од пакетот мерки за реформа на полицијата, која ја почнаа сенаторите во Олбани оваа недела, во време на протести низ целата земја поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на полициско апсење.

Завчера беше усвоена забрана за задушување на лицата што се апсат.

– Законот што ќе се донесе наредните денови ќе помогне да се запрат лошите сторители и да се испрати јасна порака дека бруталноста, расизмот и неоправданите убиства нема да се толерираат, изјави лидерката на мнозинството во Сенатот Андреа Стујарт-Казинс.

Од друга страна, полициските синдикати во Њујорк оценија дека законот е напад врз полицијата.