Варвициотис: Не прифаќаме одвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ


Европа мора да ги одржи ветувањата и не треба да има доцнење во пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија, порача алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис од Делфи Форумот во Атина и паралелно истакна дека тие не се согласуваат со евентуално одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ.

Варвициотис учествуваше на панел дискусијата заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и потенцираше дека „со приклучувањето на Албанија и Северна Македонија во ЕУ, Грција конечно ќе има копнени граници со други земји-членки“.

-Важно е процесот да почне веднаш за сите земји кандидати. Ние не сме расположени да прифатиме никакво одвојување меѓу Северна Македонија и Албанија, ова го гледаме како катастрофален пристап за регионалната стабилност, порача алтернативниот шеф на грчката дипломатија.

Додаде дека новиот процес на проширување од минатата година, „треба да биде веродостоен процес и треба да биде побрз процес во споредба со стариот“. 

-Сега е времеЕвропа да го исполни ветувањето од март за почеток на европскиот процес за Северна Македонија и Албанија, дополни  Димитров, објаснувајќи дека при секоја негова посета на Атина учи по еден грчки збор, а по зборовите „пријателство”, „договор”, „спокој”, „визија”, денеска, на дебатата за почеток на европскиот процес, спомена нов збор – „сега”, паралелно упатувајќи порака дека време е за исполнување на ветувањата.

– Мислам дека ние сме една од највпечатливите саги, кога станува збор за европската интеграција. Бебе родено во Скопје ќе имаше 20 години, ако беше родено на денот кога ја потпишавме Спогодбата за асоцијација и стабилизација со Европската Унија. Изгубивме генерации и многу години, ги тргнавме блокадите,Комисијата континуирано вели дека сме подготвени да ги почнеме пристапните разговори, а еден начин како да му помогнеме на нашиот случај, јас патував во многу европски главни градови, е да објасниме зошто ова е во интерес и на земјите-членки и на институциите во Брисел – порача вицепремиерот.

Објасни дека Северна Македонија е дел од регион што географски е европски и сме опкружени со земји членки на Европската Унија, се граничиме со ЕУ, а „економски ја делиме европската судбина”.