„Варвари“ на Горки и Милчин ја собра скопската елита во МНТ (фото)


Фото: К. Галевски

Премиерата на „Варвари“ на Максим Горки, последната претстава на режисерот Владимир Милчин во МНТ , која за првпат се поставува на театарска сцена, и актуелна во сегашниов миг, иако напишана во 1906 година, ја собра скопската елита од сите сфери и генерации, синоќа, во Македонскиот народен театар, во годината кога одбележува 80 години од постоењето.

Фото: К. Теодоров
МНТ буквално дишеше во идентичен ритам, ритамот на успехот и театарската возбуда. Публиката влегуваше со нетрпение, салата се наполни до последно место. Премиерата на „Варвари“ се претвори во вечер на силна енергија: од првиот влез во театарот, до петминутните стоечки овации, кои ја претворија ноќта во празник на уметноста.
 
Фото: К. Галевски

Забавната претстава, чија актуелност треба да нѐ потсети дека не живееме во совршен свет, иако траеше три ипол часа, со мала пауза, го задржа вниманието на публиката, која ја следеше во еден здив, не само како приказна за цивилизациски пресврт, туку и како драма за луѓето за нивните страсти, заблуди и копнежи. Горки ја истражува тенката линија меѓу љубовта и себичноста, меѓу напредокот и духовната празнина, меѓу моралот и корупцијата. „Варвари“ е повеќе од претстава, потсетник дека напредокот нема смисла без човечност, дека технологијата и амбицијата не смеат да ја прегазат душата. Баш како што кажа еден од актерите на пресот пред премиерата, Тони Михајловски, во неа ќе препознаеме дека многу малку сме се промениле, само сме се замаскирале во 21 век.

Фото: К. Галевски

„Ова ќе биде една претстава, репрезент на ансамблот на МНТ, ретки се ваквите претстави, кој ни го менуваат бифето, кое го немаме. Ова е нешто како тим-билдинг за театарот“, кажа Михајловски.

Фото: К. Галевски

Режисерот Милчин рече дека ова е негова последна претстава во МНТ. Тоа му било запишано кај него, и имал обврска да ја направи оваа претстава. Оваа драма, појасни, не е одиграна ниту на руски јазик во земјата во која авторот живеел пред да мора да се пресели во Италија за да преживее, за да не биде убиен.

Фото: К. Галевски

– Таа не е умрена драма, таа се уште има нешто да ни каже за тоа дека е неопходна солидарност меѓу луѓето за да можат полесно да преживеат кога ќе се најдат под каков и да е притисок, дека молчењето не е злато итн. Подолг беше процесот на работата на претставата. Речиси сите 23 актери играат во претставата. Тоа на некој начин не враќа и на некој вид театар кој не треба да биде заборавен, театарот кој влијае не само кога е камерен, влијае и кога е масовен, што е потешко. Потешко е кога имате дузина актери кои имаат свои обврски. Во тетарот тоа подразбира еден вид меѓусебно разбирање, што ни помогна да ја направиме оваа претстава со сите нејзини компоненти, истакна Милчин пред премиерата. Додаде дека актуелноста на драмата „Варвари“ треба да не потсети дека не живееме во совршен свет и дека овој свет во кој живееме треба да се поправа, а за тоа тетарот треба да ја одигра својата општествена улога. 

Фото: К. Теодоров

На сцената синоќа, продефилираа 23 актери, меѓу нив и ѕвезди на македонското глумиште, повеќето поранешни студенти на професорот Милчин, што му додаде на проектот емотивна и уметничка тежина. Во претставата играат голем број женски ликови, актерки, некои после подолго време се појавуваат, некои од нив можеби првпат се појавуваат во МНТ. Мора да се потенцираат исклучителните костими на костимографката Марија Папучевска, над 80, кои беа олицетворение на совршенство и за женските и за машките ликови, од чевли, облека до модни додатоци. Сценограф е Беди Ибрахим.

По синоќешната премиера, првата реприза е вечерва, од 20 часот. (Л.С.)