Вардариште ќе се деконтаминира со пари од Владата, но може да биде опасно за неиселените жители на диво


Заврши одгаснувањето на неформалната депонија Вардариште, а следува деконтаминација на земјиштето и конечното уредување во парк. 
 
Од независната граѓанска иницијатива „Стоп за Вардариште“, кои пред два дена биле на средба со претставници од Град Скопје, соопштија дека биле информирани дека измерените концентрации на метан не се на толку високо ниво што би можело да го попречи или забави процесот на деконтаминација, како и дека добиените резултати се охрабрувачки.
 
Главниот заклучок во извештајот на групацијата која го одгаснувала локалитетот вели дека депонијата не е целосно стабилизирана во поглед на присуството на депониски гас. Присуството на метан и јаглероден диоксид укажува дека процесите на разградување на органската материја сè уште траат и дека биолошката активност може да продолжи и по престанокот на одлагањето отпад.
 
Затоа, по одгаснувањето следува деконтаминација, која нема да ја спроведува Град Скопје, туку Владата, а Град Скопје ќе помогне доколку тоа е потребно.
 
„Како изведувач е најавена германската компанија WTE, која работи и на проектот за пречистителната станица, а надзорот ќе го врши француска компанија. За оваа намена одобрени се 10 милиони евра од Владата и тоа 7,5 милиони евра за довршување на колекторскиот систем, а 2,5 милиони евра за деконтаминацијата на Вардариште.
 
Со деконтаминацијата ќе биде опфатена површина од околу 600.000 м², односно
Ископување и отстранување на отпадот, транспорт и префрлање на отпадот во Дрисла како и заштита на подземните води.
 
„Почетокот на работите се очекува во средината на следниот месец, додека завршувањето на целиот процес на деконтаминација е планирано до март следната година“, информираат од „Стоп за Вардариште“.
 
Според најавите од Градот, изградбата на планираниот парк на оваа локација следува во наредниот период, а ЈП „Улици и патишта“ добило задача да го изработи проектот за паркот, што треба да биде готов на почетокот на следната година и јавно презентиран.
 
По започнувањето на реализацијата, изградбата би требало да трае 7-8 месеци. Граѓаните ќе можат да дадат предлози за идното уредување на просторот.
 
Сепак, на локацијата сѐ уште се диво населени околу 200 граѓани, за кои на средбата било  посочено дека претходно планираното иселување на жителите од Вардариште кое требаше да се случи пред неколку месеци било одложено до создавање на сите неопходни услови за негово спроведување.
 
Дополнително, планираните активности за деконтаминација отвораат прашања за безбедноста на луѓето што живеат во непосредна близина.
 
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најавил дека ќе се настојува процесот да се придвижи и заврши што поскоро. Воедно, ветено е и соодветен третман за згрижување на луѓето кои живеат таму.
 
Конкретен рок за иселување не бил соопштен.
 
Од „Стоп за Вардариште“ беа објавени и податоците од анализата на составот на депонискиот гас.
 
„Според резултатите од лабораториските анализи на составот на депонискиот гас, изработени од српската фирма „Заштита – Београд“, измерени се следните концентрации на гасови:
Метан: од 0,7% до 17,4%
Јаглероден диоксид: од 3,8% до 19,2%
Кислород: од 0,1% до 15,4%
H2S (ppm): Од 0 до 1
CO (ppm): од 1 до 3
Споредбени вредности за составот на депонискиот гас кај активна депонија (според извештајот):
Mетан (CH4): 45-60%
Јаглерод диоксид (CO2): 40-60%
Кислород (О2): 0,1-1%,
Сулфиди: 0-1
Јаглерод моноксид (CO): 0-0,2“, соопштија од таму.