Вал: Уставниот суд постави стандард со одлуката за новинарите околу 27 април

Повеќето учесници, вклучувајќи и странски преставници, на конференцијата побараа зајакнување на надлежностите на Уставниот суд


 Амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Килиан Вал, застана зад барањето на Уставниот суд да добие нов механизам за заштита на правдата – уставната тужба и ја посочи како европски стандард за заштитат на слободата на говорот одлуката за новинарите околу 27 април..

Во говорот на конференцијата организирана денес по повод 60годишниот јубилеј на оваа институција, Вал како и претседателот Стево Пендаровски, покажа што мисли за 27 април и за ускратувањето на правото на новинарите да известуваат од обидот за државен удар, за кој кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и правник по професија, Гордана Силјановска Давкова – најави дека има намера да носи помилувања ако дојде на функцијата. 

 -Само цитирањето на богатата судска пракса на Судот нема да ги исполни неговите напори за правда, туку важно е да се истакне дека, преку својата клучна работа, Уставниот суд ја утврди доктрината за позитивна обврска на државата во обезбедувањето слободи и права. Судот го постави овој стандард повикувајќи се на практиката на Европскиот суд за човекови права во заштитата на слободата на изразување и заштитата на новинарите. Преку својата судска практика, Судот не само што ги бранеше индивидуалните права на новинарите, туку и активно придонесе за слободно и демократско медиумско известување. Со оваа значајна одлука, Уставниот суд директно придонесе за развој на посилно демократско општество во Северна Македонија“, рече Вал. 

Прашувајќи јавно што  може да се направи дополнително за да се зајакне улогата на Уставниот суд како чувар на основните слободи и како  бедем во служба на владеењето на правото во  Македонија, тој побара да се обезбеди неговата финансиска автономија и да се обезбеди  соодветен персонал.

-На Судот за ваков раст сè уште му е потребна цврста правна основа и создавање на средина каде што може да го извршува својот мандат без ограничувања и со политичко и процедурално почитување на неговите одлуки, посочи Вал. 

На крајот тој ја посочи и потребата од уставната тужба за која Уставниот суд подолг период лобира, но се уште ја нема.  

-Зајакнувањето на Уставниот суд преку воведување на сеопфатен механизам за жалби веќе подолго време се заговара како клучен чекор напред во заштитата на човековите права во општеството. Додавајќи му на Уставниот суд мандат директно да ги решава поплаките од вашите граѓани, наместо да се потпира на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ја прави правдата подостапна и поопиплива за сите граѓани на Северна Македонија.

Додека стоиме на овој момент, славејќи го минатото додека гледаме кон иднината, да го обновиме нашето колективно ветување за поддршка на патувањето на Уставниот суд. Мисијата на ОБСЕ во Скопје е негов сигурен партнер на ова патување. Неодамнешното потпишување на обновениот Меморандум за разбирање меѓу Мисијата и Уставниот суд е доказ за нашата заедничка посветеност за зајакнување на капацитетот на Судот.Заедно со Вас и сите наши партнери, се обврзуваме да го поддржиме Судот бидејќи тој продолжува да служи како витален столб во заштитата на човековите права, зачувувањето на правдата, владеењето на правото и демократијата во Северна Македонија, порача Вал.

Премиерот Талат Џафери посочи дека е важно да се продолжи со процесите на реформата, бидејќи, според него, со тоа Уставниот суд ќе може да одредува според стратешките заложби на нашата земја.

– Уставниот суд делува слободно во своите капацитети, но, како земја е важно да се овозможи систематско решение кое ќе може на сите да им обезбеди подеднакви права. Уставниот суд може и треба да има главна улога во одбрана на човековите права и владеењето на правата, рече тој.

Џафери потенцираше дека промените во уставите се чести, бидејќи,како што рече, тоа е жива материја и треба да држи чекор со светот.

– Во овој поглед не го правиме тоа за другите, туку и за нас, бидејќи ние како еден успешен европски модел ѝ требаме на големата Европа за да можеме и понатаму подеднакво да се развиваме, рече Џафери.

За претседателот на СобраниетоЈован Митрески, овој јубилеј е многу значаен бидејќи, како што рече, е одраз не само на континуитетот на нашата државност од претходниот систем, туку и одраз на нашата силна определба за независна, самостојна и демократска држава во која човековите права и слободи се на прво место.Митрески потсети дека довербата во правосудниот систем е намалена и рече дека сите заедно мора да преземат конкретни мерки да ја надминеме таа состојба.

– Уставниот суд не е и не смее да биде единствената институција која се грижи за достојна поделба на власта, но, и целосна независност и самостојност на правосудниот систем. Одговорност има и законодавната и извршната власт, но, пред сѐ, сите чинители во самиот правосуден систем кои треба одлуките да ги носат со интегритет, да не подлегнуваат на никакви влијанија и да постапуваат единствено во согласност со словото на законот, рече тој.

Министерот за правда, Кренар Лога, рече дека е потребен ангажманот на судската, законодавната и извршната власт да го држат Уставниот суд на нивото на задачата.

– Потребен е ангажманот на судската, законодавната и извршната власт да го држат Уставниот суд на нивото на задачата со цел извршување на нивните надлежности да остане фактор кој што ги гарантира превидените и пропишаните права и вредности со професионалност и целосна самостојност во одлучувањето, рече тој. Лога сподели дека Развојната стратегија за судството за 2024-2028 година обрнува особено внимание на Уставниот суд и еден од заклучоците во неа е дека се потребни професионални дискусии за зајакнување на надлежностите на Уставниот суд.

– Во овие документи се заклучува дека се потребни професионални дискусии за тоа дали е потребно во актуелниот медиум на општествениот и политичкиот амбиент да се зајакнат надлежностите на оваа инстанца, особено во контекст на заштитата на правата и слободите на граѓаните. Особено е заклучено дека извршителите на надлежностите на Уставниот суд налагаат отворање на дебата за реформи во правец на законското уредување на надлежностите на овој суд, рече тој.