Вакцина против Ковид-19 од вторник достапна во Британија
Велика Британија ќе биде прва земја чии граѓани ќе примат вакцина против Ковид-19, а првите дози ќе бидат достапни од вторник, и тоа прво во болниците, а потоа и во останатите здравствени институции.
Вакцината први ќе ја примат лицата на возраст од над 80 години, здравствените работници, воспитачите и штитениците во домовите за стари и изнемоштени лица, соопшти Националната здравствена служба. Британија минатата среда итно ја одобри вакцината на компаниите Фајзер и БиоНТек.
Нарачани се околу 40 милиони дози, а бидејќи секому му се потребни по две, се претпоставува дека ќе бидат вакцинирани 20 од 67 милиони жители. Првата недела ќе бидат достапни околу 800.000 дози, а вакцините се веќе пристигнати од Белгија и се чуваат на безбедни локации каде се проверува нивниот квалитет, соопшти британското Министерство за здравство.