Вагнер на 200 километри од Москва – Пригожин го прекина походот: Се враќаме во базата
Пригожин објави аудио порака во која потврдува дека неговите борци се враќаат во своите бази за да „избегнат крвопролевање“.
Основачот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, се согласи да ја деескалира ситуацијата во Русија, соопшти кабинетот на белорускиот претседател.
Во соопштението, објавено на официјалниот канал на белоруското претседателство на Телеграм, се вели дека шефот на платеничката група Вагнер се согласил да го запре натамошното движење на неговите борци низ Русија.
На маса е и договор за гарантирање на безбедноста на војниците на Вагнер, пренесува Скај Њуз.
Александар Лукашенко е близок соработник на Владимир Путин и разговарал со Прогожин во договор со рускиот претседател, се вели во соопштението.
Пригожин објави аудио порака во која потврдува дека неговите борци се враќаат во своите бази за да „избегнат крвопролевање“.
„За сето ова време не пролеавме ниту една капка крв на нашите борци. Сега дојде моментот кога може да се пролее крв. Затоа, прифаќајќи ја сета одговорност за тоа дека руската крв ќе се пролее на една од страните, ги вртиме нашите војници и се враќаме во спротивна насока, во полските логори, според планот“, рече Пригожин.