Увозот расте побрзо од извозот, дефицитот за осум месеци достигна 2,5 милијарди долари


Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари – август 2025 година изнесува 325.133,2 милиони денари и бележи пораст од 1,8 отсто во однос на истиот период лани. Вредноста на увезената стока е 464.340 милиони денари што е за 2,7 проценти повеќе во споредба со истиот период претходната година.

Дефицитот во трговската размена со странство во првите осум месеци од годинава достигна 2,5 милијарди долари (2,26 милијарди евра), а покриеноста на увозот со извоз изнесува 70 отсто, покажуваат статистичките податоци. 

Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот се најзастапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.

Во периодот јануари – август 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47,7 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 59,8 % во вкупната размена.