Утре нема летови до и од Белгија – национален штрајк против економските политики
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2020/09/brisel-aerodrom.jpg)
Национален штрајк против економската политика на новата федерална влада е закажан за утре во Белгија, објавија локалните медиуми.
Планирано е на протестот да се приклучат и контролори на летање, што ќе доведе до затворање на воздушниот простор. Поради оваа причина утре нема да има редовни летови до и од Белгија, а авионите кои летаат над земјата на надморска височина од над 7.500 метри ќе бидат опслужени од контролори во соседните земји.
Ќе престанат со работа и државните пошти, јавниот транспорт, општинските и државните училишта. За првпат, се очекува да учествува и воениот персонал, кој е меѓу најдиректно погодените од плановите на владата за зголемување на старосната граница за пензионирање и намалување на социјалните трошоци.
Новата белгиска влада ја презеде функцијата на почетокот на февруари, но и пред тоа синдикатите во земјата организираа неколку протести против планираните промени во економската политика. Во јануари, на сличен протест во Брисел собраа 30.000 учесници, а синдикатите предупредија дека може да продолжат со штрајкови на 13-ти секој месец.
Преговорите за формирање на новата влада траеја седум месеци, а договорите на коалицијата вклучуваат намалување на буџетските трошоци за 23 милијарди евра во следните пет години.