Утре најавено најмасовно гаснење на пожарот на Серта
За утре е најавено најмасовно гаснење на пожарот на Серта од воздух и од земја, информираа вечерва од Кризен штаб од Неготино.
– Кризниот штаб на општина Неготино и вечерва во проширен состав одржа состанок на кој беа координирани активностите предвидени за утрешниот ден, а во врска со гаснењето на пожарот на планината Серта. Најавено е дека утре од воздух ќе се дејствува со четири хеликоптери и три авиони за гаснење пожар, додека од земја ќе дејствуваат припадници на АРМ, МВР, ЕБР, пожарникари од повеќе градови, јавните комунални претпријатија, Национални шуми, ловџии и други доброволци, соопштија од Кризниот штаб.
Оттаму нагласија дека Кризниот штаб ја обезбеди и потребната механизација за дејствување од терен, а се планира активностите за гаснење на пожарот да започнат уште во раните утрински часови.Пожарот на Серта избувна во средата околу 10.30 часот.
Инаку, пожарот во Битола во кој попладнето беа повредени двајца пожарникари, сѐ уште не е ставен под контрола, информира за МИА командирот на ТППЕ Битола, Горан Димкоски.
Во борбата со огнената стихија, Димкоски посочи дека се вклучени 35 пожарникари од ТППЕ Битола, како и граѓани кои доброволно помагаат во справувањето.Тој соопшти дека едниот од пожарникарите е задржан на лекување во битолската болница со изгореници на дланките и подлактицата. Вечерва во битолската болница пожарникарот беше посетен од градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вечерва во Тема на денот на ТВ Сител појасни дека во пожарот во Битола горат нискостеблести растенија и рече дека нема да зададе потешкотии во справувањето. Според него полицијата има информации за дел од подметнатите пожари.Вчера во Кавадарци пожарникарите изгаснале пожар подметнат на четири точки, односно наишле на купишта гранки на четири места запалени одеднаш. Ангелов рече дека иам и други индиции за подметнати пожари, но не откри детали.
На новинарско прашање за забраната за движење во шума, Ангелов рече дека треба уште еднаш да се разгледа оваа одлука затоа што планинарите ќе бидат колатерална штета и оти пожарите секогаш избувнуваат во близина на урбани средини, ниви или стрништа.
„Тие луѓе кои што сакаат да предизвикаат пожар нив нема да ги исплаши оваа забрана за движење. Во разговорот со министерот Тошковски и со директорот на БЈБ наидов на разбирање кај нив. Полицијата ќе даде макимално се од себе во превентивното дејство да имаме засилено движење на полиција, но и репресивно дејство. Мислам дека веќе имаат информации за неколку предизвикувачи на пожари“, рече Ангелов.