Утре изложба на нерасни кучиња и журка во Градски парк
Утре, сабота, од 11 до 15 часот ќе се организира изложба на нерасни кучиња пред Школка во Градски парк. Изложбата е по повод светскиот ден на животните и третиот роденден на ЈП Лајка и е во организација на ЈП Лајка со поддршка од Град Скопје и фирмите кои секојдневно се вклучени во работата на ова претпријатие, кои ќе бидат претставени со своите производи и услуги за време на настанот.
На изложбата се пријавени 70-тина вдомени кучиња од сите големини, раси и карактери. Преку овој настан сакаме да покажеме дека секое куче е убаво без оглед на неговата раса, да поттикнеме одговорно сопствеништво, да покажеме дека сите кучиња се убави и дека богатството кое го носи секое куче во себе може да биде голем плус во секое семејство и во секој дом.
Мотото на настанот е „Вдоми не купувај“ кое ќе се обидеме да го пренесеме на присутните преку промоција и споделување на успешни приказни со вдомени кучиња, а секако граѓаните ќе имаат можност да се дружат и да запознаат дел од кучињата од ЈП Лајка, кои во моментот чекаат да си го најдат свој среќен дом.
Кучињата ќе се натпреваруваат во десет категории и за секоја категорија ќе има прво, второ и трето место за кои ќе поделиме вредни награди од спонзорите на овој настан. Категориите во кои ќе се натпреваруваат кучињата се следни:
1.Најубава женка
2.Најубав мажјак
3.Најубаво куче +10 години
4.Куче со најубави очи
5.Куче со најубаво црно крзно
6.Куче со инвалидитет
7.Куче со најубава приказна за вдомување
8.Куче и дете
9.Покажи што знаеш
10.Најигриво куче
Ве покануваме да се дружите со шаренилото од кучиња на втората изложба на вдомени улични кучиња организирана од ЈП Лајка. За доброто расположение и за мрдање на опашките на изложбата ќе се погрижи ДЈ Торта.