Усвојувањето на Деловникот на Собранието во забрзана фаза

Пратениците денеска ќе ја почнат амандманската расправа, Деловникот треба да се најде на седницата на 2 ноември


Фото: Б. Грданоски

 

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска ќе ја започне амандманската расправа за новиот Деловник на Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери, како негов предлагач поднел неколку амандмани, а поднеле и Левица, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. 

Според информациите од Собранието, Комисијата ќе работи по амандманите доколку е потребно и за време на викендот, а координаторите на пратеничките групи во текот на вчерашниот ден ги усогласувале ставовите по одредени амандмани.

„Се очекува да се прифатат дел од амандманите кои претходно се прифатени со консензус од координаторите на пратеничките групи“, најавил вчера претседателот на Собранието Џафери на средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје амбасадорот Килијан Вал. 

Новиот деловник на Собранието, според најавите на Џафери, се очекува да биде донесен со консензус и најверојатно ќе биде ставен на дневен ред на новата седница закажана на 2 ноември.

Деловникот ќе се применува од почетокот на новиот собраниски мандат. Првпат по него ќе постапува актуелниот претседател на Собранието Џафери со свикување на конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Новина е тоа дека таа седница нема да може да трае повеќе од три дена.

Новиот деловник на Собранието е резултат на петгодишни разговори меѓу пратеничките групи од овој и минатиот мандат коишто започнаа во рамки на процесот „Жан Моне“ со посредство на неколкумина европратеници.