Усвоени 61 амандман за законот за енергетика, не помина предлогот фактурите да се само според реално потрошена струја


Фото: Б. Грданоски

Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика на денешната седница од поднесени 71 амандман, од кои два комисиски, на текстот на Предлог законот за енергетика, во второ читање, усвои 61 амандман по што го проследи законското решение на натамошна собраниска постапка.

Во текот на расправата два амандмана беа повлечени од предлагачите, а најголем дел од осумте што беа одбиени беа поднесени од пратениците од политичката партија Левица.

Меѓу одбиените беше и амандманот со кој се бараше да се фактурира електрична енергија исклучиво врз основа на реалната потрошувачка, а не паушално и тоа да биде регулрано со закон, а не со подзаконски акти.

Во образложението за одбивањето на амандманот министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакна дека во Европската Унија има обврска броилата да се читаат еднаш годишно, а кај нас на секои три месеци. Нагласи дека со новото законско решение ќе му се наложи на операторот на дистрибутивниот систем во рок од седум години да постави далечински броила со што целосно ќе се елиминира паушалното фактурирање.

Помина амандманот на Левица со кој за добивање лиценца за вршење енергетска дејност компаниите ќе мора да имаат гаранција од сто илјади евра наместо пет илјади евра како што беше досега.

Усвоен беше и амандман со кој за некој да биде избран за член на Регулаторната комисија за енергетика водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) треба да има минимум 15 години работно искуство од кои најмалку 10 години во енергетика, водни услуги и комунален отпад.