Уставниот суд оформи предмет за законските измени поврзани со коридорите и „Бехтел и Енка“


Уставниот суд на денешната седница формираше предмет врз основа на иницијативата на Хелсиншкиот комитет, кој пред еден месец побара да се оцени уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (ЗРО), поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Од Хелсиншкиот комитет сметаа дека со законските измени се доведуваат до нееднаков третман работниците од исти и од различни гранки, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од „национално или стратешко значење“ доведува до правна несигурност и широко поле за злоупотреби.„Дополнително оспорениот член со кој се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работење на проекти од стратешко и национално значење според подносителите создава правна несигурност и простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа без да се утврди горна граница“, стоеше во иницијативата.

Предметот е предаден на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка.

Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.