Уставниот суд не коментира ставови за Законот за јазиците

Кадриу вели дека не се оспорени само 2-3 члена од Законот за употреба на јазиците, како што се презентира во јавноста, туку 18 члена


Од Уставниот суд не сакаат да коментираат ничии ставови поврзани со предметот за Законот за употреба на јазиците. Седницата на Судот на која ќе се дискутира за Законот за употреба на јазиците е закажана за 11 декември.

– По завршувањето на седницата ќе се одржи редовна прес-конференција на која ќе биде одговорено на сите прашања, соопштија денеска од Уставниот суд.

Во очи одржувањето на седницата, Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излезе со предупредување дека укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку директен удар врз стабилноста и мирот на државата.

– Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина, наведоа од  ДУИ во соопштението.

Според потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, јавноста дискутира за Законот за употреба на јазиците поради нецелосните решенија и досегашните политики што ги водела Демократската унија за интеграција.

– Сега се соочуваат со одговорноста, и пред одговорноста им треба магла, им треба дестабилизација. Но, ако во државата некој нема право за ова прашање, тоа е ДУИ. Заради нивните половични, нецелосни решенија дадоа можност некој денес да се занимава со ова прашање. Ова прашање да беше апсолвирано како што треба, да имаше закон за албанскиот јазик по сите теркови, денес немаше да биде тема на дискусија. Тема на дискусија е заради половичните и нецелосните решенија токму на ДУИ, истакна Меџити, кој во тоа време беше член на ДУИ.

Според него, ова е чувствително прашање и треба разумно да се пристапи, по одлуката на Уставниот суд да расправа по Законот за употреба на јазиците.

– Ја повикувам јавноста, сите значи, ова е чувствително прашање. Рамковниот договор е дел од уставниот поредок на Република Македонија. Врз основа на Рамковниот договор и сите тие кои посакуваат добро на државата, на меѓуетничките односи, стабилноста треба разумно да пристапиме кон овој договор. Нема да навлезам во таа работа на Уставниот суд. Јас само повикувам дека ова не е правно прашање, туку и политичко прашање што ја тангира и стабилноста на државата, рече Меџити.

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи вчера на конференцијата на „Пријатели на Европа“ во Брисел најави дека судиите надвор од мнозинската заедници во Северна Македонија нема да присуствуваат на седницата на Уставниот суд на која треба да се расправа за уставноста на Законот за употреба на јазиците.Според него, во Северна Македонија дел од законите се носат по принципот на двојно Бадинтерово мнозинство, но според неговата оценка, Уставниот суд неколкупати се ставил во улога да одлучува за политички прашања и има моќ да го урне Законот за употреба на јазиците.

-Во тој поглед очекуваме тешкотии за Законот за употребата на јазиците кој беше оспоруван во осумдесетите во Македонија и ќе видиме што ќе излезе сега од тоа, рече Фетаи и додаде дека неговата последна информација е дека судиите надвор од мнозинската заедница нема да присуствуваат на седницата.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервју за МИА рече дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми.

– Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег, не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам, рече Костадиновски.

Костадиновски вели и дека е можно да се искористи алатка од новиот Акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат во Собранието на доработка.

Смета дека одлуките на Судот не треба да се гледаат како закана против некого или нешто, ниту како одлуки со кои се зголемуваат или намалуваат нечии права, туку треба да бидат прифаќани и да бидат орјентир, рамка за делување согласно наодите на Судот за сите останати власти, законодавна, извршна, судска, монетарна или локална. Да им помогнат, нивните дејствија, прописи или одлуки бидат усогласени со Уставот. 

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.Доколку следната среда на седницата не се појават судиите од немнозинските заедници, неизвесно е дали ќе се донесе одлуката или не, затоа што претседателот на Уставниот суд Дарко Костадинов неодамна најави дека одлуката треба да се донесе со учество на сите 9 уставни судии.

Уставниот судија Осман Кадриу во интервју за Алсат потенцира дека не е точно дека пред Уставниот суд се оспорени само 2-3 члена од Законот за употреба на јазиците, како што се презентира во јавноста, туку 18 члена, кои се поднесени преку 13 иницијативи од 46 субјекти, вклучувајќи академици, професори и политички партии.Според него, не е споменато дека е оспорен членот во кој во заграда е напишан албанскиот јазик.

– Во досегашното мислење беше кажано дека се оспорени 2-3 одредби. Не! Оспорени се 18 одредби. Доколку се оспорат 18 одредби од Законот за јазиците, тоа значи оспорување на половина од законот. Ако Судот со мнозинство гласови ги прифати забелешките и ги укине, тогаш немаме закон,- вели уставниот судија  Кадриу.

Кадриу рече дека заедно со неговиот албански колега, Насер Ајдари, и понатаму остануваат на ставот дека нема да учествуваат на седницата на 11 декември, затоа што за нив не е разумно да се дел од мнозинство што ќе донесе одлука во врска со прашања од албански национален карактер.