Уставниот суд ќе одлучува за Законот за јазиците најдоцна до мај
Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, изјави дека се изложени на големи политички притисоци и дека се шират многу лаги

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска рече дека одлуката за одржување подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците не треба да се толкува како слабост. Тој информираше дека на работен состанок на 23 декември ќе се дефинираат спорните прашања, а по завршувањето на подготвителната седница, најдоцна до мај, Судот ќе одлучува по предметот.
„Во оној момент кога ќе го добијам пријателскиот совет од Венецијанската комисија веднаш ќе биде свикана подготвителната седница. На крајот од оваа седница побарав од судијата известител најдоцна до 23 декември да ги подготви спорните правни прашања за подготвителната, да подготви предлог листа на учесници, бидејќи одлуката ја носи Судот на посебен работен состанок, и во оној момент кога ќе го добиеме амикусот (моја проценка е дека ќе биде тоа почетокот на март), ќе биде одржана подготвителната седница“, рече тој, дополнувајќи дека по завршувањето на подготвителната седница, не повеќе од еден месец, ќе им биде потребен за разработка на рефератот врз основа на резултатите од подготвителната седница, што значи, најдоцна во мај Судот ќе одлучува по предметот.
На денешната прес-конференција по одржаната седница, Костадиновски нагласи дека судот е изложен на политички притисоци и манипулации, но дека ќе продолжи со постапувањето по предметот, барајќи мислења од странски експерти за да обезбеди независност и непристрасност. Тој ги отфрли обвинувањата за политичко влијание и етничко надгласување, истакнувајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот и правдата.
„Ова е дел од постапката. И добар е предлогот за подготвителна затоа што ако нешто имам јас лично, сега јас зборувам лични ставови, колку што можам да ги разобличам сите лаги на политичарите да им ги одземам сите аргументи. Подготвителната седница секогаш е еден од инструментите што ги имаме на располагање да ги викнеме најеминентните стручњаци по уставно право, по јазично, по меѓународни стандарди – дајте да ги судриме аргументите за да видат граѓаните, а не политичарите. Сакам граѓаните да си бидат спокојни и да не дозволуваат да бидат манипулирани“, рече тој.
Претседателот на Уставен нагласи дека нема да дозволи Судот да биде уценуван или под притисоци од било кого.
„Секој што мисли дека владеењето на правото ќе биде попречено со политичко влијание и манипулации, нека не се труди. Уставниот суд има јасни надлежности и е чувар на Уставот“, изјави Костадиновски.
Тој рече дека судот има должност да постапува по секој предмет за кој е доставена иницијатива, без оглед на политичките притисоци.
„Стигнаа многу прашања, на дел ќе одговорам. Првата лага и манипулација со чувствата на граѓаните е дека Уставниот суд извршува политички програми, дека сме биле параполитичка организација, дека некој што нѐ избрал во некој состав имал и право или можност да влијае врз нас, дека сме посакувале дестабилизација. Тоа се тешки лаги. Ова е апсурд, класична манипулација“, рече Костадиновски.
Костадиновски нагласи дека политичарите често ги преминуваат црвените линии на пристојноста и дека не секоја тема е подобна за политичка борба. Тој исто така ги отфрли обвинувањата за етничко надгласување и нагласи дека правдата е слепа и сите се еднакви пред Уставот и Законот.
Во однос на прашањето како можат граѓаните да веруваат дека ќе работат во нивен интерес кога довербата во судството е ниска, тој одговори дека ќе веруваат со силата на нивните аргументи. (МИА)