Уставниот суд ги осуди обидите за партизација и политизација на неговата работа
Уставниот суд соопшти дека остро ги осудува, како што наведува, обидите за груба партизација и политизација на неговата работа од страна на одредени политички партии, оценувајќи дека тие настојуваат да ја зголемат сопствената политичка видливост преку злоупотреба на одлуките и меѓународните активности на Судот.
Во соопштението се наведува дека меѓународната соработка на Судот е ставена во дневнополитички контекст и искористена за партиски пресметки, иако таа претставува една од неговите стратешки определби. Судот потсетува дека годинава потпишал меморандуми за соработка со Уставниот суд на Косово, Врховниот уставен суд на Египет и Уставниот суд на Србија, како и дека годинава претседава со Балканскиот форум на уставни судови.
„Уставниот суд останува доследен на својата уставна надлежност и независност. Судот нема да подлегне на какви било политички притисоци, влијанија или обиди за дискредитација и ќе продолжи да ја зајакнува својата меѓународна соработка“, се наведува во соопштението.
Од Судот апелираат политичките фактори да покажат поголема уставна и политичка култура и да не ги водат политичките конфронтации на грбот на институциите и владеењето на правото.
Воедно, оценуваат дека се „недозволени и апсурдни“ квалификациите од одредени политички субјекти дека одлуките на Уставниот суд се „неуставни“ или „незаконски“, потсетувајќи дека согласно член 112 од Уставот, одлуките на Судот се конечни, извршни и општозадолжителни.
„Наместо да повикуваат на протести насочени директно против владеењето на правото, партиите е потребно да покажат вистинска посветеност кон европските вредности и потребите на граѓаните“, порачуваат од Уставниот суд.
Во соопштението се нагласува и дека за Судот не е релевантно какви имиња носат улиците, училиштата или други инфраструктурни објекти, туку единствено дали одлуките за нивното именување или преименување се донесени во законски пропишана постапка. Како пример за ваквиот пристап, Судот ги посочува и претходните одлуки поврзани со постапката за преименување на улиците во Општина Чаир.
На крајот, Уставниот суд ги повика сите политички чинители да покажат одговорност и воздржаност во јавната комуникација и да се воздржат од ширење невистини и манипулации на сметка на институцијата која, како што наведува, е чувар на Уставот и на уставно-правниот поредок на државата.