Уставниот суд ги нарече „лаги и манипулации“ нападите од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ
Јавното напаѓање на судии и шпекулативните говори претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот, реагираат од Уставниот суд
Реторика заснована на лаги и манипулации. Јавното напаѓање на судии и шпекулативните говори претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот
Вака денеска Уставниот суд преку соопштение се спротивстави на оценките на одредени политичари дека поведувањето постапка за уставноста на линеарното зголемување на пензиите било политичка нарачка на „СДСМ преку Добрила Кацарска“. Според соопштението, оценките за поведувањето „јавните прозивки кон судијата-известител или кој било судија во корелација со партиски интереси претставуваат обид за поткопување на авторитетот на Уставниот суд“.
Вчера во расправата за буџетот во Комисијата за финансирање и буџет пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, рече дека „СДСМ во минатиот мандат ја постави Добрила Кацарска во Уставниот суд, продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд, уставната судијка поднела претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста за линеарното зголемување на пензиите. Сега кога некој дојде и им ја покачи пензијата на сите пензионери за 7.000 денари, Добрила Кацарска сега сама си поднесува претставка и сака да им ги земе на пензионерите овие покачувања“.
Друг пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во истата расправа нагласи:
„Апсурдно е што Уставниот суд преиспитува дали постои дискриминација, а и како што вели, постојат повеќе врски меѓу СДСМ и оваа одлука за приспитување“.
Овие изјави на пратениците се напад на „интегритетот, самостојноста и независноста на судијата Добрила Кацарска како судија-известител, а истовремено и на Уставниот суд, преку јавното дисквалификување“, велат од Уставниот суд.
Еве го соопштението на Уставниот суд:
„Уставниот суд најостро ја осудува реториката основана на лаги и манипулации за предметот во кој се оценува уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познат како ‘линеарно зголемување на пензиите’.
Нападнати се интегритетот, самостојноста и независноста на судијата Добрила Кацарска како судија-известител, а истовремено и на Уставниот суд, преку јавното дисквалификување за постапувањето во последниот случај. Тезите дека ‘СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемување на пензиите’ или ‘СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето’ се недозволиви и можат да создадат погрешна перцепцијата за работењето и постапувањето на Уставниот суд.
Информираме дека до Уставниот суд се поднесени 17 иницијативи од граѓани кои бараат преиспитување на членот 2 од Законските измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидско осигурување.
Јавните прозивки кон судијата-известител или кој било судија во корелација со партиски интереси претставуваат обид за поткопување на авторитетот на Уставниот суд. Судот ги носи одлуките со мнозинство гласови на судиите, а не со глас на еден судија. Свесното пласирање манипулации претставува притисок врз судијата-известител и врз целата институција и е опасен преседан во случај кога некоја одлука не им одговара на политичките субјекти се прогласува за ‘партиска’.
Јавното напаѓање на судии и шпекулативните говори претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот. Прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание или вмешување во работата на Судот.
Уставниот суд апелира политичарите да покажат високо ниво на уставно-правна култура, наместо да се служат со реторики на потпалување тензии и дискредитација на судиите, со што ја зголемуваат недовербата во системот и поттикнуваат институционална нестабилност.
Уставниот суд повторно нагласува дека останува непоколеблив и имун на секој притисок или обид за влијание, без разлика од кого доаѓа и со какви намери се упатува“.
На оваа соопштение реагираше веднаш ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека „Кацарска е обичен апаратчик на минатата власт“.
„За да е нападнат нечиј кредибилитет, судијата треба да има кредибилитет.
А Добрила Кацарска го изгуби во времето кога судеше 200 години затвор за 27 април и стана преку ноќ уставен судија со што покажа дека е обичен апаратчик на минатата власт. Таа не само што беше поддржувач на неправдата, туку нејзин активен чинител“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.