Уставниот суд демантира дека Кацарска го губи статусот на уставен судија


По прашања од повеќе медиуми, Уставниот суд информира дека во отсуство на официјални информации за било каква иницијатива за престанок на мандат на судија на Уставниот суд нема да дава коментари. Според објаснувањето, во Уставот во член 111 став 4 јасно се уредени основите за престанок на функција на уставен судија.

Како што може да се види во посочениот член, таму не стои воопшто дека мандатот на уставниот судија престанува кога ќе исполни услови да се пензионира.  

Повод за реакцијата се објавите дека Судскиот совет испратил известување до Собранието дека  судијката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, може да го изгуби статусот на уставен судија, бидејќи веќе е пензионирана и со тоа се нарушува уставниот баланс Судскиот совет да предлага двајца судии во Уставниот суд.

Според пишувањето, дали Добрила Кацарска ќе биде разрешена треба одлучи Собранието, на кого му е посочена судска пракса од одлуки на Управниот суд, каде што судии, членови на Судскиот совет тужеле затоа што предвреме им бил прекинат мандатот од 6 години, само затоа што наполниле 64 години, се пензионирале и на тој начин го изгубиле статусот на активен судија.  Управниот суд зазел став дека не може судија кој е веќе пензиониран да биде член на Судскиот совет, бидејќи тој потекнува односно се избира од редот на активните судии. Па, оттаму, штом нема мандат како судија, не може да врши ни функција на која бил избран како судија. 

Практично некој се обидува да го отвори прашањето дали Добрила Кацарска треба да биде и натаму Уставен судија а наедно и член на Судскиот совет.  Дека таков допис за престанок на судскиот статус на Добрила Кацарска поради пензионирање има во Собранието, потврдија и од Судскиот совет. Но тоа се однесува на Основниот суд Скопје 1, а не на Уставниот суд.

„Испратен е допис до Собранието за известување дека на судијата Добрила Кацарска и е престанат судискиот статус во Основниот суд Скопје 1, по основ на пензионирање и во прилог е доставено и решението за пензионирање“, соопштила Весна Дамева за  ТВ 24. Според овој медиум, планот на мнозинството е поради оваа причина да биде разрешена Кацарска.