Успешни иселеници ќе добиваат МКкарта за полесно водење бизнис во нашата држава
Граѓаните од дијаспората кои се успешни во земјите каде што живеат ќе добијат МКкарта чија цел е приближување до државата. Картата ќе ја издава МНР, а кој ќе ја добие ќе одлучуваат вработените во дипломатските претставништва. Целта е да се создаде мрежа на тие видни и успешни личности со што одливот на мозоци од земјата, според шефот на дипломатијата Бујар Османи, ќе се претвори во циркулација за мозоци.
-Фокусот на овој проект е на дијаспората, така што ќе се создаде мрежа на видни и успешни личности во неа.Тоа е еден вид признание за нивните постигнувања, но и влезен билет за вклучување во нашите општествени текови. Оваа карта ќе им овозможи полесно основање на бизниси во нашата држава, а наедно ќе им го олесни и престојот на тие кои немаат државјанство, изјави Османи.
Според него МКкартата ќе и обезбеди и одредени лични привилегии, како слободен и бессплатен пристап до културните институции, ист третман за користење на образовните институции и во однос на проектите на МНР за помагање на дијаспората.
Османи нагласи дека ова не е обид за попис на македонски државјани во странство бидејќи проектот предвидува само идентификување на видните и успешните луѓе. Тој не можеше да каже колкава ќе биде таа бројка на иселеници, но се планира и годишна конференција на таа мрежа за да се создаде синергија меѓу нив. Тој оцени дека можеме да се гордееме со бројот и квалитетот на луѓето што се во странство, од сите генерации и во сите држави во светот. Тој најави прецизни критериуми за изборот на тие луѓе, но главниот збор ќе го имаат дипломатските преставништва.
Најавата за ова МКкарта ја прокоментираа иселениците на социјалните мрежи, а еден од нив потсети дека ќе има даваат МКкарта, а не можат да добијат македонски пасоши, додека состојбите во државата ги принудуваат да се иселуваат во други земји.
Во однос на спорот со Бугарија тој очекува наредните денови да има средба на ниво на премиери и на друго дипломатско ниво за да се обидат да ги решат отворените прашања со Бугарија, нагласувајќи дека португалскиот предлог е креативно решение кое ги адресира сензибилностите на три страни – на нашата, на бугарската и на земјите членки, бидејќи тоа што ќе се утврди како решение ќе направи преседан и за другите земји, кои треба да го заштитат европскиот процес.