Уште се подготвува преговарачката рамка за Македонија


Хрватската државна секретарка за европски работи, Андреја Метелко-Згомбиќ, денеска претседаваше со последниот Совет за општи работи под хрватско претседателство, а преговорите со Албанија и Северна Македонија иако не беа на дневен ред на министрите на ЕУ, биле споменати како еден од успесите на ова претседателство, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Одлуката донесена во март, по долги месеци одлагање, да започнат преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија, заедно со ревидираната методологија за преговорите, се смета како успех во Брисел затоа што овозможи да се надминат разликите помеѓу земјите членки околу проширувањето и да се деблокира состојбата“, рече државната секретарка.

Поради ненадејната санитарна криза што ја зафати Европската Унија со пандемијата од Ковид-19, прашањата околу проширувањето и Западниот Балкан се најдоа забавени, иако Европската Комисија треба во наредните денови, најверојатно на почетокот на следната недела, сепак да ги предаде преговарачките рамки за процесот со Скопје и Тирана до земјите членки на ЕУ.

Овие рамки нема да бидат достапни за јавноста додека не бидат усвоени од страна на ЕУ, предупредија од Европската комисија.

Но, државната секретарка за европски работи на Хрватска е уверена дека иако е процесот забавен поради пандемијата и преговорите на ЕУ за седумгодишниот буџет, динамиката ќе се врати по летните одмори.

„Продолжуваме да бидеме во близок контакт со Комисијата и со еврокомесарот (за проширување, н.з.) Вархеи, и очекуваме Комисијата да го поднесе предлогот во кус временски рок“, изјави Метелко-Згомбиќ за МИА.

Таа потсети дека извештаите за реформскиот напредок на земјите од западниот Балкан се одложени за наесен, за разлика од преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија.

„Извештаите се одложени поради други итни теми, така што би рекла дека динамиката е одложена за после летото, но многу, многу сме сигурни дека процесот којшто беше деблокиран и на кој му се даде зелено светло со одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе продолжи по истиот пат“, рече државната секретарка.

Запрашана дали верува дека отворањето на првите поглавја, или кластери, и одржувањето на првата Меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ може реалистично да се очекува до крајот на оваа година, Метелко-Згомбиќ рече дека е „уверена“ дека „ќе го видиме продолжетокот на овој процес во текот на оваа година“.

Важна улога во одржувањето на позитивната динамика во однос на Северна Македонија ќе одигра одржувањето на фер и слободни избори на 15 јули, потсетуваат дипломатите во ЕУ.