Уште нестигнати на училиште, дознале за дојава за бомба


Фото; Б. Грданоски

Дојави за бомби и утроово почнаа да ги пречекуваат учениците, уште пред да седнат во училишните клупи. Како што јавуваат родители, нивните деца кои што патувале кон скопската гимназија Јосип Броз Тито, во автобус дознале за дојава на бомба. Дојави за бомби има и за други училишта.

Учениците, сепак, во комуникација меѓу себе се договориле да се најдат пред училиштето и да продолжат некаде додека не заврши постапката за проверка за дојавата.

Дојави за поставени бомби утрово пристигнале на електронските адреси на 18 училишта во Скопје, каде во тек се антитерористички проверки, соопшти МВР.

-Денеска (02.03.2023) до 08.20 часот во МВР e пријавено дека на електронските адреси на 18  училиштe во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, наведуваат од МВР.

Вчера дојави за бомби имаше во дури 120 училишта за кои е утврдено дека биле лажни, но со оглед на масовноста за проверки беше потребно долго време.

Изминативе денови на електронските адреси на повеќе основни и средни училишта во Скопје и во Прилеп пристигнаа закани за поставени експлозивни направи, поради што Министерството за образование и наука предложи во оние училишта каде има дојави за бомби наставата да се спроведува онлајн.