Уште неколку работи за ТВ-дуелот меѓу Заев и Мицкоски


Ако Мицкоски се залага на сет глас за владеење на правото и правната држава, како тогаш си дозволува да претставува фалсификуван паричник, наводно купен на „Бит-пазар“, во една толку важна емисија

 

Се напишаа многу лажни и вистински вести за анкети околу тоа кој, наводно, ја добил дебатата на Канал 5 меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Се пишуваа досетки за паричникот што на крајот од емисијата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обиде да му го натури како подарок на првиот човек на СДСМ. Се пишуваше повторно за чудната преокупација на Мицкоски околу идејата за шпицен кандидат и за одговорот на Заев дека ќе ја предводи партиската листа во Четвртата изборна единица.

На некои работи треба повторно да се навратиме за евентуалниот следен дуел меѓу двајцата политичари да има навистина некаква супстанцијална вредност. Прво, модераторот на дебатата, првиот човек на Информативната програма на Канал 5, Гоце Михајлоски, ја испушти целата работа од контрола, па она што требаше да биде дуел за програми и визии што ќе им се понудат на гласачите, се претвори во една од оние кавгаџиски емисии на партиски луѓе од втор или трет ешалон во „Само вистина“. Михајлоски води добри интервјуа еднаш неделно насочувајќи го наративот на разговорот со соговорникот, но сега во најголем дел од времето остана нем поради желбата на политичките ривали да докажат кој повеќе правел лоши работи.

Ова е четврти-петти дуел на Мицкоски и Заев и веќе преминува во ситуација во која полека се обесмислува самата дебата. Многумина наведуваат дека за 11-те години владеење на ова ВМРО-ДПМНЕ (не она на Љупчо Георгиевски) немаше ниту една дебата меѓу Никола Груевски и кој било лидер на СДСМ. Тоа е целосно точно. Како што е точно и тоа дека откако Христијан Мицкоски го презеде раководството на партијата почнаа упорните инсистирања за ТВ-дебата меѓу него и Заев. Обидувајќи се да ја отфрли наметката што му ја фрлаше новата вмровска номенкалтура Заев прифати ред по ред дебати кои најпосле почнаа да имаат се помала релеватност. Нема ниту една европска земја, буквално ниту една, каде двајцата главни политички ривали излегувале на ТВ-дуели ако тие не се поврзани со парламентарни избори. Тоа кај нас се случи неколку пати во изминативе две години, најмногу заради потребата на Мицкоски за поширока јавна легитимација. По оваа дебата на Канал 5 и други телевизии ќе бараат двајцата лидери да им дојдат во студијата за да ја зголемат нивната гледаност и да ја докажуваат нивната важност во медиумскиот простор. Големо прашање е дали ако има уште три-четири дебати ќе има каква било политичка корист за калибрирање на преференциите на неопределените гласачи и дали тоа може да им биде од корист и на едниот и на другиот политички лидер.

Дека работата полека се обесмислува на свој начин ја потврди и Христијан Мицкоски изјавувајќи ден подоцна во Охрид: „Не би било пристојно јас да давам оценка, оставам граѓаните да судат, едноставно се забавував додека разговарав со господинот Зоран Заев“. Ако лидерот на опозицијата отишол на ТВ-дебата со доскорешниот премиер за да се забавува тоа ужасно ги приземјува политиките што сака да ги промовира неговата партија. Не сме слушнале изјава ваков тип од кој било политичар во Македонија последниве 30 години: дека тој се забавувал во студиото додека со политичкиот ривал зборувал за минатото и сегашноста во државата, а најмалку за нејзината иднина. Дали и на следната дебата тој ќе замине да се забавува или ќе ги промовира политиките на партијата? Многумина ќе речат дека тој на ваков начин ја изместува политиката на неговата партија во некаков вид реално шоу и и дава оперетска карактеристика. Тие не се далеку од вистината. Прашањето за Заев е дали повторно би требало да оди на дуел ако неговиот ривал дошол да се забавува и ако и следниот модератор ја испушти контролата на емисијата.

Онаа дебата колку вредел паричникот „Луј Витон“ кој Мицкоски се обиде да му го подари на Заев (наводно, во Будимпешта можел да се купи за 440 долари, што требаше да биде асоцијација за градот каде што живее Груевски) во значајна мерка ја промаши целта. Вмровските извори им соопштија на медиумите што се блиски до нив дека тоа бил обичен фалсификуван паричник со амблемот и боите на „Луј Витон“ купен на скопски „Бит-пазар“ за 200 денари. Тука е еден клучните проблеми. Ако Христијан Мицкоски се залага на сет глас за владеење на правото и правдата и за наводно враќање на правната држава, како тогаш си дозволува да претставува фалсификувана стока во една толку важна емисија. Во примитивен обид да поентира дека владините структури се корумпирани. Едноставно, тоа е недозволиво затоа што на таков начин промовира лажни вредности. Некои од тоа веднаш би нацртале трансверзала дека ако Мицкоски носи во студиото на дебатата лажна фалсификува стока и ја покажува пред целата јавност тогаш дали програмата на неговата партија со која ќе излезе на изборите е лажна или вистинска.

Ова се навистина избори со висок влог (а и минатите беа такви) па доколку има нова ТВ-дебата ќе биде далеку покорисно за гледачите да слушнат нешто повеќе за визиите за иднината, што носи членството во НАТО и преговорите со ЕУ, за европеизацијата на Македонија, за можниот Зелен договор во државава, за дигитализацијата (а не за реиндустријализацијата), за вистинската борба против корупцијата и криминалот, за поуките од минатите владеења…  (Љ.П.)