Уште едно мало дете каснато од куче во Битола
На детето од 19 месеци му се нанесени повреди на устата, образот и брадата

БИТОЛА – Детенце на возраст од една година и седум месеци е каснато на лицето од куче скитник на плоштадот „Магнолија“ во Битола. Немилиот настан се случил вчера на Велигден, после пладне, кога детенцето во присуство на повозрасното тригодишно братче и родителите си играло на скалите од споменикот Филип Втори на плоштадот „Магнолија“, кога родителите се враќале од црква.
Мајката Моника е американска државјананка, е детенцето е родено во САД, вели дека инцидентот се случил за миг, кога пред нејзините очи го видела кучето како го соборило детенцето на земја и му нанело тешки повреди на устата и образот. Детето веднаш е пренесено во Битолската клиничка болница каде раните се зашиени, но под силен стрес е целото семејство. Кучето било со ушна обетка.
„На ден Велигден, кога целиот народ се враќавме од црква, нешто по 12 часот и 30 минути, застанавме со дечињата кај фонтаната и споменикот на плоштадот ‘Магнолија’ да си поиграат децата со останатите собрани на плоштадот. Имаше две-три кучиња околу, во еден момент кога се завртев детето ми беше на земја нападнато од кучето. Веднаш реагирав го оттргнав кучето и кога го кренав детето беше раскинато на половина од устата, во левиот образ и брадата до делот под окото. Цел народ се собра и го виде несреќниот момент“, раскажува вознемирена мајката Моника.
Според неа детето е многу трауматизирано, постојано се внимава на него и кога спие, а под стрес е целото семејство.
„Сметав дека во нашата Битола каде има една улица – Широк Сокак и Градскиот парк, каде нема сообраќај е безбедно место за нас и нашите деца. Места каде можеме да ги прошетаме децата, но за жал, тука безбедноста е нарушена од кучињата скитници. Разбрав во болницата дека само оваа недела три деца се нападнати од кучиња. Кучињата шетаат во глутница и напаѓаат. Сметам дека местото на кучињата не им е на улица“, револтирана е мајката Моника и вели дека ќе ги тужи сите надлежни институции за овој инцидент и дека ќе ја побара помошта и од Американската амбасада во Скопје.
Од ЈКП „Комуналец“ Битола ни изјавија дека сите кучиња на посочената локација се заловени и пренесени во стационарот „Хачико“ пред Велигден, но за празниците повторно се затекнати кучиња на плоштадот „Магнолија“ кои досега не биле присутни на таа локација.
Во врска со немилиот настан со двегодишното детенце од „Хачико“ велат: „И покрај нашата заложба и желба да се спречат немили настани предизвикани од бездомните кучиња и покрај евакуацијата на кучињата кои гравитираат во околината на Саат Кулата, вчера се случи тоа што најмалку посакувавме, од куче кое дојде од друго место. Кучето утринава е заловено и ќе му се даде шанса да биде вдомено откако ќе помине низ здравствениот третман“, објавија од Хачико.
Осумгодишно дете пред една недела беше каснато од куче скитник на плоштадот „Магнолија“, а од Општина Битола апелираа дека потребно е систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња. (А.Б.)