Уште еден висок руски генерал го снема по бунтот на Пригожин

Уште еден висок руски генерал исчезна од јавноста по бунтот на платеничката група „Вагнер“, кој за малку ќе се претвореше во воен удар и можеше да започне големи чистки во раководството на Министерството за одбрана.
Заменик-министерот за одбрана Јунус-Бек Евкуров, носител на титулата Херој на Русија, носител на Орден за заслуги за татковината, Орден за храброст и сопственик на два медали за храброст, престана да се појавува на настаните во Министерството за одбрана, по армискиот генерал Сергеј Суровикин.
Индикативно беше отсуството на Евкуров на состанокот на раководството на Министерството со учество на Сергеј Шојгу на 3 јули, пишува британското разузнавање во дневниот извештај во средата.
На настанот прикажан на државната телевизија, Шојгу најпрвин го коментираше бунтот на „Вагнер“, нарекувајќи го „неуспех“, а најави и реформа на системот на воени окрузи на Руската Федерација со формирање на два нови – Москва и Ленинград. Во исто време, на состанокот отсуствуваа и Евкуров и началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
За време на бунтот на „Вагнер“, Евкуров беше во седиштето на Јужниот воен округ, од каде што се командува со трупите во Украина. Заедно со заменик-шефот на ГРУ, Виктор Алексеев, тој беше фатен на видео со Евгениј Пригожин, кој бараше генералите да ги екстрадираат Шојгу и Герасимов.
Суровикин, исто така, отсуствува од јавниот терен повеќе од две недели, забележуваат британските разузнавачи. На 28 јуни, извори блиски до Министерството за одбрана изјавија за „Москва тајмс“ дека Суровикин бил приведен ден по бунтот на „Вагнер“.
Според Блумберг, Суровикин бил испрашуван неколку дена за врски со Пригожин. Каде е сега „Генерал Арамагедон“ останува нејасно. Извори на Блумберг тврдат дека местото на неговиот притвор „не е затвор“. Во исто време, односот кон Суровикин е внимателен, нагласуваат: военото обвинителство се плаши од реакцијата на војската за приведувањето на Суровикин, со оглед на неговиот висок авторитет во армијата.