Уште еден разговор на Ковачевски со Шоле, ден пред чествувањето на Делчев

Ден пред настанот со големи безбедносни ризици – одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев – премиерот Димитар Ковачевски разговараше телефонски со советникот во Стејт департментот Дерек Шоле. Иако тоа јавно не е соопштено многу веројатно е дека една од клучните теми била утрешното чествување на Делчев да помине без инциденти. На тоа наведува и фактот дека со Ковачевски на разговорот беа присутни и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски, како и американската амбасадорка Анџела Агелер.
Според соопштението на владината прес-служба Ковачевски му рекол на Шоле дека врвни надворешно-политички приоритети на Македонија се зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан, за што земјата дава активен пример преку политиките на дијалог и почитување на домашен план и во добрососедските односи.
Ковачевски изразил огромна благодарност до Стејт департментот за значајната поддршка од САД во сите клучни моменти и важни процеси за нашата држава, за што од големо значење е стратешкото партнерство меѓу двете земји.
„Премиерот Ковачевски и советникот на Стејт департментот Шоле разговараа за повеќе актуелни прашања, при што е оценето дека Северна Македонија е држава којашто напредува и е изразена целосна поддршка на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, како прашање од државно, регионално и европско значење, како и очекување дека тоа е препознаено и од пошироката политичка и општествена јавност“, се додава во соопштението.
Дерек Шоле беше минатиот месец во Скопје, а во декември имаше телефонски разговор со Ковачевски.