Урсула фон дер Лајен дочекана со највисоки почести (ВИДЕО)
Средбата меѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со премиерот Христијан Мицкоски започна во Владата. Тие двајцата ќе разговараат сами зад затворена врата, по што ќе има разговори на владиниот тим и на делегацијата од Европската комисија.
Пред Владата Лајен беше дочекана со највисоки почести, како странски државник, а доаѓањето се снимаше со дрон.
Инаку, вчера на прославата на Денот на македонската револуционерна борба премиерот Мицкоски испрати невообичаени пораки со кои си отвори врата да прави компромиси и околу преговорите со Европската унија.
Имено тој оцени дека Македонија ќе беше отидена далеку со развојот ако спорот со Грција го решевме веднаш на почетокот, кога беше претседател Киро Глигоров, иако остави простор дека можеби имал оправдани причини што не се случи тоа. Тој исто така рече дека ако не се обединиме околу националните цели и ако не престанат поделбите Македонија може да исчезне за 70 години (поради иселувањата пред се) или ќе стане зомби држава – криминализирана и коруптивна. На СДСМ и ДУИ тој и порача дека сега одат таму од каде што се врати ВМРО-ДПМНЕ, сугерирајќи веројатно дека влегуваат во национализам и опструкција на актуелната власт, нешто што го правеше тој претходно а испаѓа дека дури сега ја сфаќа цената или дека само неговите влади треба да повикуваат на единство.