Ураганот Лаура се движи кон брегот на САД, вонредна состојба во две држави
Тропската бура Лаура денеска се засили на ниво на ураган, откако премина во топлите води на Мексиканскиот Залив и се движи кон американското крајбрежно подрачје, каде што може да предизвика огромен бран на плима и да поплави цели градови.
Националниот центар за урагани предвидува дека Лаура ќе стане ураган од трета категорија пред да го погоди копното, со ветрови од 185 километри на час кои може да предизвикаат катастрофални штети.
– Суштината е дека силниот ураган ќе го погоди копното доцна во среда или рано во четврток, рече заменик директорот на Националниот центар за урагани Ед Рапапорт.
Речиси сите компјутерски симулации што ги користат метеоролозите покажуваат дека ураганот ќе се засили во текот на следните неколку дена.\
Лаура помина покрај Куба откако однесе најмалку 11 животи во Доминиканската Република и на Хаити, каде што предизвика прекини на електрична енергија и поплави. Меѓу жртвите е и едно 10-годишно девојче чија куќа била погодена од дрво и мајка и син на кои паднал ѕид.
Според „Гласот на Америка“, метеоролозите сега се насочени кон американскиот брег во Мексиканскиот Залив, каде бран од плима со висина до 3,4 метри може да ја поплави крајбрежната област од Тексас до Луизијана, објави центарот за урагани.
Покрај тоа, во некои делови на Луизијана може да падне дожд до 38 сантиметри, најавуваат метеоролозите. Позитивната вест за жителите на американскиот брег е што претходната бура – Марко – значително ослабела.
Градоначалникот на Порт Артур во Тексас, Турман Берти издаде указ за задолжителна евакуација на повеќе од 54.000 жители на тој град, почнувајќи од денеска по локално време.
Луѓето кои доаѓаат во засолништата можат да носат само една торба со лични работи и мора да „имаат маска“ за да се спречи ширењето на коронавирусот, се вели во уредбата.
– Ако одлучите да останете дома, никој не може да ви помогне, изтакна Берти.
Властите на Хјустон ги замолија жителите да подготват резерви во случај да снема електрична енергија на неколку дена или ако треба да се евакуираат од домовите долж брегот.
Прогласена е вонредна состојба во Луизијана и Мисисипи, а отворени се засолништа со мерки за контрола на коронавирусот.
Лаура се очекува да пристигне неколку дена пред годишнината од ураганот Катрина, на 29 август 2005 година, кој ги проби насипите во Њу Орлеанс, уништи поголем дел од брегот на Мисисипи и во кој загинаа 1.800 луѓе. Ураганот Рита од трета категорија потоа го погоди југозападниот дел на Луизијана во септември истата година.
На областа сега и се заканува друг голем ураган. Томи Адамс, локален водич, вели дека е подготвен за сè, но оти „никогаш не се знае што ќе се случи“.